Во Институтот за трансфузиона медицина шестмина излекувани пациенти од коронавирус се пријавиле за дарување крвна плазма со која се лекуваат најтешко заболените. Според последната статистика на Министерството за здравство, од почетокот на кризата, во Македонија има 1099 излекувани од вирусот Ковид – 19. Директорот на Институтот Садула Усеини вели дека интересот за дарување крвна плазма секојдневно расте.
„Досега преку електронската апликација на веб – страницата на Институтот за трансфузиона медицина се пријавија 6 лица. Од нив тројца се од Скопје и тие веднаш беа повикани за понатамошната постапка за селекција на дарител врз основа на протоколот. Се уште не сме одлучиле да викнеме дарители од другите градови со цел прво да се заврши со лица од Скопје, а понатаму доколку има потреба секако ќе се организираме за да ги прифатиме дарителите од другите градови“, вели директорот Усеини за „А1он“.
Даруваната крвна плазма од тројцата излекувани пациенти од Скопје се користи за лекување на четворица пациенти сместени во моментов на Клиниката за инфективни болести. Директорот Усеини вели дека дарувањето крвна плазма не носи никаков ризик за дарителите.
„Дарувањето плазма се прави преку современ клеточен сепаратор кој секојдневно се користи во нашата установа за донирање на тромбоцити, а многу поретко и плазма. Процедурата се вика тромбофереза или плазмафереза и на годишно ниво имаме над 300 процедури. До денеска не сме се соочиле со некаква компликација или слично. А и извештаите од другите земји мошне ретко пријавуваат хипокалцемија која се надокнадува со супституција со раствор на калциум преку уста. Ние во тек на процедурата на дарителите им даваме раствор од калциум во превентивни цели. Советување после донација се штедење на раката преку која дарувале во наредните 24 часа, да не кренат тежина и внесување течности“, објасни директорот Усеини.
Целта на лекувањето со крвна плазма е да се искористат антителата од стекнатиот имун систем на оздравените лица со апликација кај пациент со изразена клиничка слика на болеста Ковид – 19.