Во Скопје денеска се регистрирани 14 нови случаи позитивни на коронавирусот, од кои шестмина се од скопската општина Бутел, потврдуваат од Министерството за здравство.
Двајца од новорегистрираните се од Чаир, а по еден случај има во Карпош, Кисела Вода, Студеничени, Ѓорче Петров и Арачиново.
Скопје во моментов има 210 активни случаи на Ковид-19. Според последните статистики, најголем дел се од Сарај, Гази Баба, Чаир и од Аеродром.
Куманово, Прилеп, Тетово и Велес се останатите четири градови, освен Скопје, каде што се уште има поголем број заболени лица од коронавирусот.
Доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје вчера изјави дека ситуацијата е под контрола, со оглед на тоа што станувало збор за веќе познати кластери, а дека контактите кои ги имале заболените лица се во изолација или самоизолација.
Во последните 24 часа направени беа 622 тестирања, а регистрирани се 25 нови случаи на Ковид-19 и тоа во: Скопје -14, Куманово – 2, Штип – 4, Прилеп – 1, Тетово – 2, Струга – 1, Велес – 1.
Во последниве два дена, во земјава има шест смртни случаи како последица на коронавирусот.
Вчера на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал 58-годишен пациент од Струга и 47-годишен пациент од Скопје и двајцата долго време поставени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ починал пациент од Тетово на 41-годишна возраст, хоспитализиран на 19 мај.