Синдикатот за образование наука и култура денеска во Струга го одржува шестиот конгрес на кој ќе бира претседател и ново раководство.
На отворањето на конгресот присуствуваа министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, неговиот заменик Спиро Ристовски, заменик министрите за култура и труд и социјална политика Драган Недељковиќ и Диме Спасов и актуелниот претседател на СОНК и единствен кандидат за нов, Јаким Неделков.
Досегашната соработка на Министерството за образование и наука со синдикатот, ресорниот министер ја оцени како плодна и покрај различните мислења за одредени прашања кои беа надминати преку дијалог. Очекува добрата соработка да продолжи и во иднина со новото раководство. Тој ги поздрави делегатите и искажа благодарност за придонесот што СОНК го дава во образованието во Република Македонија.
– Некогаш имавме и различни мислења за одделни прашања, но преку социјален дијалог, преку разговори изнајдовме заеднички решенија. Сметам дека СОНК одигра, но и понатаму ќе игра важна улога во подигнувањето на квалитетот на образованието во Република Македонија, во заштита на правата на вработените во образованието и културата. Се надевам дека добрата институционална соработка ќе продолжи и понатаму со цел да го унапредиме образовниот процес и заеднички да постигнеме поквалитетно образование во земјава, изјави Адеми пред почетокот на Конгресот.
Образованието, според него, е жива материја, не е статична за откако ќе се донесе една одлука да не се преиспитува една-две години.
– Има многу прашања во орбразованието, кои сме ги реализирале или сме во најава на реалзиација. Не може образованието да се стави во рамка и да се третира како проблем само на образованието, затоа што секоја одлука има влијание и во другите сектори. Образованието е малку покомплексно и не може да се третира само од аспект на образование, односно да се става во една тесна рамка, рече Адеми, нагласувајќи дека Министерството останува отворено за комуникација со сите страни.
За претседателот на СОНК Неделков, присуството на владините претставници е одраз на добриот социјален дијалог, преку кој, како што рече, повеќе од една деценија СОНК се труди да го воспостави партнерски основи и взаемно почитување меѓу социјалните партнери.
– Изминатиот период имаше несогласувања околу реформите во образованието и единствен начин на решевање на такви недоразбирања е социјалниот дијалог. СОНК секогаш стоел на линијата на социјален дијалог и партнерство, ќе остане на таа линија и убеден сум дека нема нерешливи прашања и проблеми, истакна Неделков.
Оцени дека со Министерството за образование се на добар пат за изнаоѓање модел за спроведување на реформските зафати во основното и средното образование кои се во тек за да бидат задоволни и вработените во дејностите образование и државата. Крајниот производ очекува да биде квалитетно едуцирани млади луѓе.
Во науката и културата, Неделков потсети дека во тек се постапки за потпишување колективен договор.