Шеста национална конференција за рак на дојка

Од:

Да се подигне јавната свест за важноста на превентивните прегледи и раното откривање на ракот на дојката, што е од клучно значење за борбата против болеста. Раното детектирање и третманот можат да спречат предвремени смртни случаи од рак на дојка. Ова е пораката која ја упатија учесниците на Шестата национална конференција за рак на дојка што се одржа вечерва во организација на Здружението за борба против рак „Борка“.

Претседателот на „Борка“, Биба Додева во обраќањето пред присутните рече дека со конференцијата сакаат да го означат почетокот на светскиот месец посветен на борбата против ракот на дојка.

– Граѓаните на Република Македонија во последните неколку години покажаа една сериозно зголемена свест во однос на ракот како болест особено кога станува збор за ракот на дојката. Зголемен е бројот на превентивните прегледи, интересот за едукација…Во текот на следните три месеци ќе се организираат предавања, трибини со цел потсетување на жените за грижата за сопственото здравје. Ќе реализираме т.н.розов караван на кој ќе ги запознаеме жените со симптомите, начините на лекување, терапиите, третманот во однос на ракот на дојка. Во тек е изработка на водич за пациенти со метастатски карцином, додаде Додева.

Сопругата на американскиот амбасадор, Мери Џо Волерс рече „имаме моќ да се организираме и да ја подигнеме свеста за борба против ракот на дојката“.

Маја Иванова, сопругата на претседателот на Република Македонија, во обраќањето до присутните истакна дека создавањето здрава популација, здрави поколенија, овозможувањето здравствени услуги достапни за сите граѓани, е обврска на државата во која живееме.

Таа посочи дека организацијата „Борка“ зборува во името на пациентите, во името на нивните семејства, во името на нивните проблеми, потреби, побарувања, идеи за ефикасни третмани и лекувања. „Борка“, рече Иванова, ги преточува во единствен конкретен предлог пред јавноста, трудејќи се да ја подигне свеста на сите граѓани, сите општествено одговорни поединци, сите надлежни институции.

majaIvanovaBorka

– Ги поздравам сите активности кои се преземаат од релевантните државни институции во борбата против ракот на дојката. Убедена сум дека денешната конференција немаше да биде успешна доколку меѓу нас овде не се присутни многу поединки кои се вистинските „борки“. Тоа се храбрите и горди „борки“ кои ги пребродиле најтешките моменти во својот живот соочени со оваа болест. Тоа се „борките“ кои излегоа победници во борбата против ракот на дојката, кои се пример дека животот продолжува, дека светот се уште може да биде розево место за живеење, рече Иванова.

Ве повикувам, додаде таа, сите заедно, да ја шириме нивната розева порака, за нив и со нив гордо да ја носиме розевата панделка, да го пренесеме нејзиното значење до секоја жена, заедно да ја подигнеме свеста на граѓаните за важноста на превентивните прегледи и раното откривање на овој карцином, да ја подигнеме јавната свест за борбата против ракот на дојката.

Министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека Министерството континуирано презема активности за следење на најновите светски достигнувања и методи за рана дијагностика на малигните заболувања, како и примена на современите терапевтски методи кои го продолжуваат и го прават поквалитетен животот на тие пациенти.

Тој ја спомна изградбата на новиот ПЕТ Центар како современа метода за ефикасна дијагностика и важен предуслов за успешна и пократкотрајна терапија на малигните заболувања, а воедно и како ефикасно следење на пост терапевтските третмани и навремено дијагностицирање на евентуалните рецидиви при малигните заболувања.

– Токму во насока на унапредување на дијагностиката и приближување на здравствените услуги кон жените за овој вид прегледи е и набавката на најсовремен дигитален мобилен мамограф со цел подигнување на свеста кај жените за важноста од навремен превентивен преглед, посочи Тодоров.

Тој укажа на сериозно зголемување на средствата за превентивни програми од страна на Министерството за здравство.

maja-biba

Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија Маја Парнарџиева Змејкова, која е на службен пат во Париз во обраќањето преку видео снимка, истакна дека набрзо ќе се објават измените во правилникот за ортопедски помагала со кој се предвидува намалување на утврдениот рок на употреба на ортопедско помагало – вештачка дојка (силиконска) од 24 на 12 месеци.

– Ова би значело за жените со извршена мастектомија кои го користат ова помагало, ново помагало секоја година на товар на ФЗОМ, при тоа би напоменала дека оваа одлука има директна улога на заштеда на средства на самите жени кои се избориле со оваа опака болест а се приближно 820 на број. Оваа година најавувам  изработување на план за условен буџет за Клиниката за торакална и васкуларна хирургија за вградување на имплантант во еден акт за жените кај кои им се прави тотална мастектомија, истакна Парнарџиева Змејкова.

Согласно оваа метода, потенцира таа, се предвидува во еден акт да се изврши отстранување на дојката со карцином, врадување на силиконски имплантант, анатомско моделирање на дојката и брадавицата, со што самата жена нема да се изложува на понатамошни операции.

– Македонија со оваа метода конечно ќе се вклучи во модерните здравствени трендови кога станува збор за хируршки интервенции за ракот на дојка. Согласно медицинските критериуми од стручниот колегиум на Клиниката за Торако-васкуларна хирургија бројот на жени кои би се оперирале во 2014 согласно оваа метода би изнесувал околу 40, додаде Парнарџиева Змејкова.

Според последните податоци на СЗО со над 7,6 милиони случаи годишно малигните заболувања се водечка причина за смртност во светот. Предвидувањата на СЗО е дека смртните случаи предизвикани од малигни заболувања до 2030 година ќе го достигнат бројот 11 милиони.

Официјалните податоци покажуваат дека и во Македонија се зголемува бројот на малигните заболувања и особено на новозаболените од рак на дојка. Ако пред 10 години бројот на жените со дијагностициран рак на дојка во Македонија изнесувал 100, сегашната бројка е 700 нови случаи на годишно ниво. Од нив годишно се оперираат 400. Најмладата оперирана пациентка од рак на дојка е на 19-годишна возраст.

ФОТО: МИА

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство