Бројките покажуваат стивнување на епидемијата со коронавирусот. Вчера од направени 3.108 тестирања само 198 биле позитивни, што е шест отсто од тестираните. Пред извесно време тој процентот се движеше над 25. Се намалува и бројот на починати. Вчера се регистрирани 12 лица кои не ја добиле битката со Ковид-19. Најмладиот е на 37 години од Крушево. Регистрирани се и 333 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 738.012 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153.891, бројката на оздравени пациенти е 137.664, на починати е 5.079, а бројот на активни случаи изнесува 11.148.
Според епидемиолошки анализи, во моментов најмногу активни случаи има во Скопје – 5099, следува Куманово – 900, Битола – 725, Прилеп – 444, Тетово – 447, Охрид-406. Во другите градови се под 400 активни случаи.
Се намалува бројот и на хоспитализирани. Ако кон крајот на април во болниците имаше околу 1300 пациенти кои се лекуваат од Ковид-19, сега има вкупно 806. Во Скопје се лекуваат 340 лица, а во болниците низ државата 466 пациенти. Има околу 864 празни болнички кревети.