Шест компании останаа без лиценца за одгледување канабис, Мицкоски најави нови акции

Од:

Премиерот Христијан Мицкоски деенска изјави дека досега се одземени шест лиценци на компании за одгледување кабанис, а очекува во следниот период тој број да се зголеми.

– Оваа влада има одземено веќе шест лиценци, од информациите со кои располагам уште неколку ќе бидат одземени во периодот кој следи, контролите продолжуваат, очекувам голем број на лиценци да бидат одземени. Но, исто така за мене поважно е што било правено изминатите години откако главната економска политика на претходната влада се темелеше на давање на лиценци и одгледување на цвет од канабис и да не ги заборавиме 150 денари претплата за МРТ кои потоа пет пати ги наплатија. Тоа беше главната економска политика на претходната влада и нормално ширење на хистерија кога сега од опозиција ја прават без да понудат било какво решение истакна Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Љупчо Пренџов околу истрагите со концесиите за канабис.

Премиерот Мицкоски нагласи дека факт е дека фирмата во којашто се запленети повеќе од 30 тона цвет од канабис има роднинска поврзаност со висок функционер на опозицијата од минатото, односно претседател на локална организација во СДСМ во Ново Село.

– Не еден килограм, не еден тон, туку 30 тони, факт е дека овие испораки завршуваат до луѓе блиски од претходната влада, но тоа не можам јавно да го зборувам бидејќи е дел од истрагата. Тишината нив ги оптоварува, тие се навикнати на парада, камери, лисици, понижувања, омаловажувања, тие не се навикнати на соопштенија за јавност или кратка изјава и тоа ги мачи затоа што конечно доаѓа времето на наплата на она кое што во назад во времето било погрешено. Ги мачи што гледаат дека нема назад, кога гледаат како камионите се полнат со запленет канабис, се одземаат лиценци. Работи меморијата, секој се преиспитува што направил што потпишал, кој документ, што згрешил тоа е цело време потсвест која ќе продолжи да ги јаде. Сега тие се молат да заврши истрагата побргу за да видат кои се тие, дали се тие или не, дали ќе се покрене постапка овде за одземање имунитет можеби, тоа ги мачи, рече Мицкоски.

Тој додаде дека има чувство оти голем дел од нив ќе се изненадат за тоа што следува во периодот бидејќи, како што рече, главната економска политика им се водеше на канабисот.

– Не велам дека имам податоци, но имам чувство дека ќе бидат изненадени за тоа што следува во периодот. А она кое очекувам е правдата да си дојде на свое место и сите одговорни лица да одговараат. Замислете држава во која главната економска политика се темели на канабис, отидоа чекор понапред, сакаа да формираат слободни канабис туристички зони каде ќе биде дозволено користење на марихуана. Овие луѓе и ова им е многу што добија 18 пратеници, после се што направија, и тоа им е многу. Не им беше доволно што тони канабис ќе порасната и генерации ќе бидат потенцијални зависници, а беа свесни за тоа, и решија да направат слободни зони за консумирање на канабис, па ги спомнуваа еден град во југоисточна Македонија, Дојран, Охрид и неслучајно во тие региони имаме најмногу плантажи за да нема трошоци за транспорт, веднаш да можат консументите на неколку километри да се почестат. На тоа дојде крај и сега следи одговорноста и гарантирам дека одговорност ќе има – дециден беше Мицкоски.

Нагласи дека не случајно акцијата е работена подолг период и не случајно почетокот започна кај нашиот северен сосед. – Тука има можеби дилема зошто баш таму се појави, а можеби одговорот ќе се најде во новата пи-ар стратешка група која ја води политиката во опозицијата или во хотел „Парк“ во центарот на Скопје, рече Мицкоски.

Би можело да ве интересира

Премиерот го обвини Филипче за политичка слабост

Горан Наумовски

Алиу: Одземени се лиценците на шест компании кои одгледуваа марихуана за медицински цели

Горан Наумовски

СДСМ: Обвинителство го закопа Мицкоски – МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале проценка за Груби

Горан Наумовски

Мицкоски: Создаваме средина каде идеите стануваат иновации

Кривична пријава за десетмина поврзани со запленетите 40 тони марихуана

Владината прес-служба тврди: Лажна вест е тврдењето на СДСМ дека семејството на премиерот Мицкоски патувало до Хрватска со владиниот авион

Горан Наумовски