Комисијата за избор на ректор на „Св. Кирил и Методиј“ ја утврди и објави листата на кандидати за ректор за мандатниот период 15 септември 2020 – 15 септември 2023 година. Прифатени се кандидатурите на проф. д-р Јане Ацевски и на проф. д-р Коле Василевски од Шумарскиот факултет, проф. д-р Драги Димитриевски од Земјоделскиот, проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и кандидатурата на актуелниот ректор – проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет.
Од листата е изоставен проф. д-р Петар Атанасов од Институтот за социолошко-правни истражувања зашто Универзитетската изборна комисија (УИК) констатирала дека тој не поднел комплетна документација согласно со условите на јавниот оглас за избор на ректор на УКИМ објавен на 30 мај 2020.
– УИК не беше во можност да пристапи до содржината на електронски поднесената Програма за работа бидејќи истата е заштитена со лозинка, наведе УИК во објавената листа на кандидати. Атанасов со отворено писмо реагираше за дисквалификувањето од трката за ректор.
Претседателот на Комисијата, проф. д-р Пламен Тројачанец, за МИА изјави дека со укинувањето на вонредната состојба, а со тоа и престанокот да важи мирувањето на активностите за избор на ректор, Комисијата ја продолжила работата и дека тоа, како што рече, јавно и транспарентно го огласиле на веб-страницата на УКИМ.
УИК продолжи да работи во понеделникот (15 јуни) и во тој ден кандидатите требаше да ги достават своите кандидатури. Со Уредбата на Владата од 5 јуни активностите да се стават во мирување, остана уште еден ден од конкурсот за доставување документација, така што по продолжувањето на работата – 15 јуни беше тој еден и последен за конкурирање.
– Објавивме дека продолжуваме со работа, значи го коригиравме Роковникот со оглед на сите тие одолговлекувања поради мирувањето, и со тоа јасно докажавме дека продолжуваме со работа. И плус, сите кандидати беа известени за начинот и дека тој ден, 15 јуни, е денот кога им се овозможува, а кој им беше скратен. Им дадовме поука како повторно да аплицираат на конкурсот. Неговата кандидатура не е целосна, а ние сме должни строго да се држиме до барањата кои се наведени во Конкурсот. Во една од работите, која беше задолжителна, е тој документ кој не ни беше достапен зашто колегата си решил да стави пасворд и, автоматски, ние како да го немаме тој документ. Поради тоа, не можевме да му ја прифатиме кандидатурата и тоа е наведено во одлуката, рече Тројачанец.
Рече дека Атанасов може, според Роковникот, да поднесе приговор до УИК до законскиот рок – 19 јуни 2020 (петок) до 16 часот, како што е наведено и во одлуката.
-Има време за приговори и законски колегата има право на тоа. Ако има приговори, ќе ги разгледаме и ако се промени нешто во состојбата на апликацијата на колегата, ќе одлучиме. Тој приговара на сите други места, а не таму каде што законски треба да приговара, рече Тројачанец откако Атанасов реагираше со отворено писмо барајќи оставка на Комисијата и најави дека својата Програма ќе ја објави на социјалните мрежи.
Откако ќе заврши рокот за приговори и одлуката по нив, според роковникот во кој се наведени сите активности во постапката за избор на ректор, ќе следува објавување на програмите за работа и биографски и библиографски податоци на кандидатите, гласања во единиците на УКИМ, објавување на резултатите од тајно гласање и на крајот објавување на конечни резултати за новиот ректор на скопскиот универзитет чиј четиригодишен мандат, според конкурсот, треба да почне на 15 септември 2020.
-Сите работи ние ги објавуваме на сајтот на УКИМ. Таму е и коригираниот роковник во кој пишува кога е датумот на избор, тоа е 26 јуни. До тогаш имаме уште многу работа да се подготвиме, да се организираат комисиите по единиците. Си има динамика која е напишана јасно во роковникот, рече Тројачанец за МИА.