Седум хотелиери со над 50 легла се пријавиле во Владата нивните објекти да бидат користени за државен карантин, а на располагање ќе биде и Пепелиште, без разлика што се работи за касарна во која има војнички услови. Минситерката за одбрана, Радмила Шеќеринска посочи дека бројката на граѓани кои не ја почитуваат самоизолацијата, како и лица кои се враќаат во државата, не е мала.
„Уште пред да ја објавиме мерката, имавме иницијативи од страна на хотелските капацитети. Вчера објавивме и повик до сите кои имаат над 50 легла и се подготвени да прифатат луѓе кои ќе бидат во државен карантин, да се пријават. Јас како што знам, во првиот момент имавме 7 капацитети на располагање. Ќе ги користиме и државните капацитети, како оној во Демир Капија. На располагање е и Пепелиште без разлика што се работи за навистина војнички услови. Сметаме и на неколку одмаралишта и државни капацитети кои за 1-2 дена ќе бидат целосно во употреба. Но очекувам поголем број на хотелски капацитети и одмаралишта да бидат ставени на располагање“, изјави Шеќеринска.
Таа потенцираше дека Владата не сака да преземе вакви мерки, но мора бидејќи правилата не се почитуваат.
„Бројката на наши граѓани кои се враќаат во државата не е мала, за жал, бројката на граѓани кои не ги почитуваа правилата за самоизолација е голема. Ние не сакавме да преземаме вакви мерки, но во ситуација кога не се почитуваат правилата, државата мора да си ги заштити своите граѓани“, додаде Шеќеринска