Тешко е да се каже оценка заради тоа што денеска имавме само една рунда на билатерални средби во смисол на претставниците на различните политички партии со претставниците на ЕУ и на САД. Ги соопштивме некои од нашите иницијативи, наши предлози, меѓутоа немавме можност да ги споредиме. Така што претпоставувам дека на ваков начин повеќе ќе се одвиваат состаноците во следниов период, кажа Радмила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ по средбата со странските претставници.
На прашње дали очекува конкретно да бидат прифатени дел од предлозите на опозицијата, бидејќи последните изјави од ВМРО ДПМНЕ, беа дека преговорите пропаднале, токму поради барањето на опозицијата за цензура во медиумите, Шеќеринска кажа:
-Напротив, една од работите коишто ние активно ги говориме е да се намалат нереалните драконски казни. Навистина се суштински работи со коишто можат да бидат загрозени медиумите. Меѓутоа тој вид на спинови сме го виделе и во минатото. Она што станува јасно е дека, да, опозицијата излегува со предлози, заради тоа што сметаме дека оваа криза, мора да се разреши. Секој којшто сака било каква правна, нормална, демократска разрешница доаѓа со предлози. Тоа го правиме ние, и очекуваме дека наместо да се делат дали се за или против, подеднакво конструктивни ќе бидат и останатите, изјави Шеќеринска.
Според неа, далеку е од договор за датум на избори.
-Сеуште не сме таму, заради тоа што, она што мислам дека им стана јасно и беше прифатено од сите, особено на претставниците на меѓународната заедница во изминатиов период, е дека прво мора да се договориме како ќе се исполнат условите. А дури потоа кој ќе биде денот на изборите. Ние сметаме дека пакетот треба да даде одговор и на двете прашања. Како да дојдеме до фер и демократски избори, и второ кога тие избори да се случат.
Дали тоа значи дека се преговара за нова техничка влада?
Затоа реков, сеуште не сме таму. Она за што сега разговараме, или тоа беа барем нашите предлози е прво тоа да се решат двата услова за да дојдеме до фер и демократски избори. Тоа е мислам големата лекција од минатата година, наместо фокусот на датум, фокусот да биде на тоа какви избори. Ние сметаме дека Македонија може да добие избори, и во релативно кус период, а кои ќе бидат фер и демократски избори. Изборите можеа да бидат дури и во април и во мај, меѓутоа немаше политичка волја.
Имаше оптимизам дека се движите кон решенија за избирачкиот список, се формираше таа работна група, која требаше во петок да има состанок. Има ли договор, односно напредок како ќе се решаваат тие 32.000 спорни гласачи?
Големата лекција од сите претходни години, би рекла од преговори, е дека додека немаме договор, не треба да имаме и нереален оптимизам. Ако има политичка волја, ова не се многу тешки прашања, ова се прашања кои можевме да ги решиме и минатата година и пред 4 месеци, но немаше политичка волја. Додека се ова не се заокружи и не го потврдат сите страни, јас барем, не би давала преоптимистички или песимитички најави, ќе видиме. Секоја политичка партија сега има шанса да покаже дали навистина е за фер и демократски избори или само сака да глуми такви избори, рече Шеќеринска.