Најголемата опозициска партија, СДСМ вчеравечер во центарот на Куманово одржа Граѓански парламент. На пристутните граѓани им се обрати градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, пратеничката Радмила Шеќеринска, професорот Владо Пивоваров и докторот Мице Дудучки.
– Триесет и пет дена на улица покажуваме дека ова е отпор за Македонија и на Македонија. Ова не отпор на една политика и некои политичари, туку ова е став на македонските граѓани и на кумановци повторно да пукне првата пушка, но овој пат политички. Треба да се испрати сигнал дека неправди и криминал веќе не трпиме. После 24 декември парламентот е клинички мртов и не дава знаци на мозочна активност и единствено нешто што функционира се апаратите за гласање, за поддршка на власта која ги контролира сите пратеници, изјави Шеќеринска.
Градоначалникот Дамјановски на присутните граѓани им ги посочи проблемите со кои се соочува локалната самоуправа.
– Јас како градоначалник за 7 ипол години немав ни едно интервју, на ниту една национална телевизија. А за овие три месеци, откако Виктор Цветковски се промовираше за независен кандидат за градоначалник, во 5 национални телевизии излегува со по 20 минутно интервју. Па какви регуларни и демократски избори да очекуваме. Медиумите работат против нас, финансии не ни даваат, судството не блокира, полицијата ни врши секојдневни контроли и ни се заканува со истражни дејствија. Затоа бараме локални и парламентари избори за да се смени оваа власт, изјави градоначалникот на Куманово.