Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Брисел оствари средба со заменик генералниот секретар на Европската служба за надворешна политика Педро Серано.
Министерството за одбрана соопшти дека на средбата се анализирани можностите за соработка во делот на одбраната и борбата против тероризмот, а станало збор и за можноста за зголемено учество на Македонија во мировните операции предводени од ЕУ, како придонес кон европската безбедност.
Соговорниците размениле мислења околу политичките случувања во Македонија и реформските чекори коишто ги спроведува Владата во контекст на евроинтегративниот процес во доменот на слободата на медиумите, владеењето на правото, реформите во јавната администрација, безбедносниот сектор, унапредувањето на добрососедските односи и борбата против тероризмот.
– ЕУ и НАТО интеграциите се стратешки интерес околу кој во Македонија има широк консензус, но неопходно е да покажеме прогрес по однос на ЕУ и НАТО агендата за да ја зајакнеме поддршката уште повеќе. На Македонија можете да сметате како на доверлив партнер, истакнала министерката Шекеринска.
Заменик генералниот секретар на Европската служба за надворешна политика оценил дека реформите коишто се на агендата на новата Влада се неопходни. – Воспоставувањето на стабилност и развиена демократија е важно не само за стабилноста на земјата, туку и за целиот регион, рекол Серано.
Тој најавил дека ќе ја посети Македонија во рамки на пошироката турнеја низ земјите од Западен Балкан, кога подетално ќе бидат разгледани аспектите на соработката во одбраната и борбата против тероризмот.