„За последните три месеци наместо нови инвестирања власта нѐ задолжи со нови една милијарда и 200 илјади евра. Тоа значи дека секое просечно семејство во Гевгелија од денеска должи нови 2.000 евра, а секое новородено бебе должи по 500 евра“, посочи пратеничката на СДСМ Радмила Шеќеринска при посетата на Гевгелија.
Растечката должничка криза на државата Шекеринска ја посочи како еден од индикаторите за сиромаштијата што завладеа во државата за време на практикувањето на власта од страна на гарнитурата предводена одВМРО-ДПМНЕ при што додаде:
„Македонија е земја во која секој трет човек е сиромешен. Според статистиката, во македонските села секој втор е сиромашен. Секој втор во оваа држава вели дека ако успее да ги плати сметките, едвај успева да го прехрани семејството до крајот на месецот. Ако успее да ги плати сметките и да набави што му треба на семејството за тој месец, двапати ќе размисли дали ќе оди на лекар или на забар. Во оваа држава половина од младите што завршиле факултет немаат работа, или работат како магационери, шанкери, келнери.
– Денес во Македонија секој трет со средно образование нема шанси да добие работа. Затоа маладите ни заминуваат надвор. Денес, по седум години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, тие и на овие локални избори ви бараат уште еден мандат. На 24 март ајде да ги затвориме вратите за уште еден мандат“, побара пред своите сопартијци пратеничката Шекеринска.
Таа ги истакна ветувањата на власта при определбата за евроатланските интеграции, при што истакна:
„За да го добијат мандатот ветија три приоритети: членство во ЕУ и НАТО, стабилни меѓуетнички односи, подобрен животен стандард. Но, на ниту една од овие три теми денес ситуацијата во Македонија не е ниту еден сантиметар подобрена. Секаде гледаме нови, или старо-нови проблеми. Денес Македонија заборави на членство во НАТО и во ЕУ, а општини како Гевгелија требаше најлесно кон тоа да течат.
– Денес Хрватска се подготвува на референдум на кој ќе одлучи да биде членка на Европската Унија. Ние и Хрватска заедно го одевме патот и во моментот кога ја предадовме власта на ДПМНЕ бевме рамо до рамо. Сега тие се до целта, ние се враќаме неколку чекори назад“, истакна таа, со искуство на вицепремиер што ги раководеше евроинтеграциите во Владата на СДСМ.
„Во делот на меѓуетничките односи: страшно е во главниот град да ги испратите децата, да си ги пуштите со автобус, бидејќи не знаете дали ќе се вратат дома здрави и живи. Страшно е што некој сѐ уште лицитира со мапи на големи држави во регионот. И тоа е резултат на оваа погубна политика.
Меѓутоа, се разбира, ДПМНЕ најмногу потфрли таму каде што најмногу ветуваше: економијата, социјалата, инвестициите. Ако продолжи трендот на инвестиции како во 2012 и ветените осум милијарди евра, ќе им треба 160 години за тоа да го реализираат“, беше децидна Шекеринска во своите оценки за негативните остварувања на оваа власт на патот кон ЕУ и неостварениот подобар животен стандард.