Шекеринска: Со новиот закон тендерџиите ќе ја задржат можноста за пренасочување на народните пари во приватни џебови

Од:

Пратениците во Собранието на Маскедонија на денешното продолжение на 72. седница дискутираат за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, во прво читање.

Предложените измени, како што појасни заменик министерот за финансии Ардиан Џеладини, ги дополнуваат надлежностите на Бирото за јавни набавки, а се преземаат во консултација со деловната заедница. Имајќи го предвид јавниот интерес, нагласи тој, се доуредуваат некои прашања од праксата кои треба да доведат до зајакнување на конуренцијата, олеснување на пристапот на понудувачкиот и пазарот на јавни набавки, спречување, злоупотреби и слично.

– Со ова се воведува профил на економскиот раст на електронскиот систем за јавни набавки и дополнителниот чекор за доставување конечна цена кај случаите во кои не може да се спроведе стандардна електронска аукција поради немање конкуренција. Оваа алтернатива ќе овозможи поголем процент на успешно завршени отворени постапки, рече Џеладини.

Новина е задолжително прикачување тендереска документација во електронска форма, создадена за наплата на надоместот, ќе се овозможи полесен пристап до тендерската документација и ќе се намалат трошоците на понудувачите… Бирото за јавни набавки ќе има нови надлежности, контрола на задолжително прикачување тендерска документација, листа за негативни референци, да се допрецизираат интернет акти при организирање едукација за јавните набавки. Да се спречат злоупотреби кај договорите за набавка на софтверски решенија се предвидува обврска за преземање сопственост на изворниот код на софтверското решение од страна на договорниот орган, а во здравствениот сектор се воведува обврската за користење генерички имиња на лековите при нивна набавка.

Пратеничката од СДСМ, Радмила Шекеринска, пак, рече дека со новиот закон власта само сака да ја измени формата, но да ја задржи суштината на законот со кој парите на граѓаните и понатаму ќе завршуваат во приватни џебови.

– Не добивме одговор за криминалот за плоштадот Карпошово востание. Јавната набавка за изградба на плоштадот е во 2010 година, а договорот од 300 милиони денари е направен пред изборите во 2011 година. Интересно е дека постапката е ограничена, како и бројот на добиени понуди. Во таа графа пишува – „икс“. Нема најголем, најмал понудувач. И мислите дека тука завршила алчноста на тендерџиите, ама не! Се потпишал анекс за некои нејасни договори. Што е тоа што заборавиле, темел ли пак заборавиле? Што заборавиле – не пишува, ама истата фирма, која прво добила 300 милиони денари, си инкасира уште 90 милиони денари. И бидејќи сега законодавецот ги ограничува со анексите, тендерџиите се сетиле, па си распишале нова јавна набака за партерно уредување. Така на истата фирма ѝ се даваат уште 50 милиони денари. Ајде сега да ми одговори некој на кој начин ваквата пракса ќе се измени со новиот закон? Ќе се промени формата ќе си остане суштината. Дваесет и еден анекс има склучено за Музејот на ВМРО, за Стариот театар има 33 анекс договори, за АЕК, за Уставен суд по два анекс договори. Прво ќе ги градиме плоштадите, па партерно ќе ги уредуваме, па ќе правиме анекси и за двете – рече Шекеринска.

Пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ смета дека законот нема да придонесе јавните набавки да се дигнат на повисоко ниво. Повикувгајќи се на истражувања на невладините организации рече дека секој четврти договор за јавна набавка е склучен преку тендер на кој учествувала само една компанија.

– Значи 25 отсто од договорите се склучени во ситуации кога на јавната набавка имало само еден понудувач, кај 26 проценти имаме поништување на тендерските постапки и најмногу се поништуваат големите тендери, истакна Николов.

Тој обвини дека Република Македонија нема ниту една постапка на одговорност за незаконско или ненаменско трошење на парите од спроведените постапки за јавни набавки.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ потсети дека за работата во делот на јавните набавки покажуваат позитивните извештаи на релевантни институции, како и констатираниот напредок во Извештајот на Европската комисија.

Владанка Авировиќ, пратеник од Социјалистичката партија смета дека во постапката за избирање најниска понуда ќе се изврши некакво влијание или ќе се сведе на минимално ниво. Таа подвлече дека треба да се обезбеди законско решение со кое ќе нема манипулирање во тендерските постапки.

Предложените измени и дополнувања на Законот за јавни набавки, пратеникот Самка Ибраимовски од партијата за целосна еманципација на Ромите забележа дека не нудат решенија на досега прикажаните слабости.

За пратеничката Радмила Шекеринска од СДСМ со измените на законот досега се менувала само формата, но не и суштината. Законот, како што нагласи, досега се менувал повеќе пати за да се зголемела транспарентноста, но во праксата тоа не се применувало.

Пратениците претходно го одобрија првото читање од предлог-законот за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски Комбинат АД Прилеп и го дадоа на натамошна постапка.

Расправата ќе продолжи по редовната пауза и по паузата од еден час, што ја побара пратеничката група на ДПА.

Би можело да ве интересира

Собранието ги донесе реформските закони за дигитална трансформација

На 9 јули пратениците ќе расправаат за интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд

Здравковски: Охрабрувачки е фокусот на Владата кон младите

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот без присуство на мнозинството донесе одлука за одржување Надзорна расправа за трагедијата во Кочани

Пратениците ја изгласаа Фискална стратегија на Република Македонија за 2026 – 2030 година

Горан Наумовски

Змија предизвика хаос во Собранието на БиХ: Поради „небезбедни услови“, седницата беше откажана, наредена е истрага