Во следните десет дена и официјално ќе почне постапката за набавка за униформи за сите припадници на Армијата на Република Македонија најави денеска министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска на одбележувањето на Денот на Првата механизирана пешадиска бригада во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
– Во тек се разговори што ќе ги дефинираат реформите во одбраната во следните години. Овие реформи се неопходни, се потребни и се прават за АРМ да функционира подобро, а работата на војската да биде повеќе ценета. Како министерка гарантирам дека вашите права, можностите за напредување, можностите да се цени вашиот труд ќе бидат гарантирани, рече Шеќеринска.
Таа потсети дека во саботата е објавен првиот оглас од трите што ќе бидат објавени оваа година за прием на 375 нови професионални војници кои ќе бидат примени во АРМ, со цел, како што рече, да ја подмладат и да гарантираат долгогодишен раст и развој на Армијата.
Наша единствена цел ќе биде со секоја мерка да ги зголемиме условите за работа. Го зголемивме буџетот на одбраната за 15 проценти и тоа е само првиот чекор што веќе во 2019 година ќе биде дополнително засилен со 0,2 процентни поени од БДП, истакна Шеќеринска и додаде дека веќе се завршени повеќе реконструкции на кровните конструкции на повеќе објекти на Армијата, како и дека се обезбедени средства за основна опрема која со планирање инвестиција во иднината нема да биде проблем во Армијата.
Командантот на Првата механизирнаа пешадиска бригада, бригадниот генерал Мирче Ѓорѓоски, рече дека последната година за припадниците на бригадата била исполнета со голем број сложени задачи, а една од нив е и постојаното ангажирање на персоналот во рамки на асистенција на граничната полиција, која и во текот на 2017 била една од најважните задачи.
– Сакам да го издвојам ангажирањето на припадниците на Првата механизирана пешадиска бригада во летните месеци, кога заедно со останатите припадници на АРМ несебично помагаа во гаснење на опожарената шума во општина Македонски Брод. Морам да го истакнам и учеството на пет меѓународни вежби од кои посебно би ја издвоил контрибуцијата на најголемата вежба на НАТО во ЈИЕ, Сајбер гардијан, истакна Ѓорѓоски.
Тој ја потенцираше важноста на, како што рече, надалеку познатите „скорпии“ и „леопарди“ кои како интегрален дел на Првата механизирана пешадиска бригада повеќе години учествуваат во меѓународни мисии во кои се вее знамето на Република Македонија, давајќи значаен придонес за борбата против тероризмот и изградбата на светскиот мир.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија за Ден на 1. мпбр е одреден 2-ри април, како датум на кој оваа единица е трансформирана согласно новата организациско-формациска структура на АРМ.