Денот на македонското востание, 11 Oктомври, ја симболизира нашата исконска желба за слобода и правда, за држава која ќе стои зад тие вредности и за иднина која ќе ни ги гарантира. На денешен ден пред 77 години, таквите амбиции, елементарни желби, изгледале сосем невозможни. Нашите градови и села, нашиот регион, нашата Европа во тие моменти ги доживувале своите најтешки денови, осудени на насилство, окупација, жртви и безнадежност. Токму во најтешкото беа искалени македонските национални интереси и нашата стратешка ориентација како нација.
Ова денеска го истакна заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на централната прослава по повод 11 Октомври, Денот на Народното востание, која се одржа пред Споменикот на ослободителите на Град Скопје во дворот на Владата.
Кога пукнале првите пушки во Прилеп и Куманово, посочи таа, пукнале во име на слободата, еднаквоста и желбата за победа над тиранијата.
– Живите сведоци од Сојузот на борци таа борба ја живеат, ја носат со себе и за тоа како народ сме им вечно благодарни и на нив и на борците кои не се веќе меѓу нас. Сите тие биле херои – кои ја разбрале и прифатиле одговорноста која ја носи слободата. Кои разбрале и прифатиле дека сме одговорни и виновни и за доброто кое не сме го направиле. Тие херои и денес не потсетуваат: слободата не е подарок, туку привилегија, рече Шекеринска.
Бремето на секој вистински лидер на оваа земја и на сите други земји, нагласи Шекеринска, е да ја чува и негува, да не бега од проблемите, туку да ги решава, да не мисли за себе, туку за својата земја и да ја однесе барем чекор понапред од таму каде што ја наследил.
– Во тој поглед секоја ера носи свој предизвик и одговор. Нашиот одговор на современите предизвици е јасен и илустриран во стратешка определба која ни е јасна и консензуална од почетокот на нашата независност – Македонија членка на НАТО и ЕУ, изградена врз темелите на демократијата, слободата и еднаквоста. Тоа ќе го спроведеме, како долг кон нашите претци, како обврска кон идните генерации, потенцира Шекеринска.
Таа нагласи дека владиниот предлог за уставни промени, кој влезе во собраниска процедура, јасно ги демантираше сите лаги, манипулации и заплашувања во изминатиов период.
– Остануваме Македонки и Македонци, кои својот македонски јазик ќе успеат да го направат официјален јазик на ЕУ. Нашите граѓани заслужуваат признаен, потврден идентитет и посилна меѓународна позиција. Како што заслужуваат и европска, правна, праведна држава пред која секој граѓанин ќе биде еднаков, држава која ќе создава можности за своите деца и млади, рече Шекеринска.
Токму затоа, посочи, сега е моментот сите пратеници да го потврдат патот на Македонија во НАТО и ЕУ. Таа рече дека сега сите членови на Собранието на РМ, сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат, имаат историска должност и обврска да ги преведат своите зборови во дела и да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет.
– Ја гледам Европа како еден модел и идеја која ќе функционира овде и ќе им понуди иднина и можности на нашите деца. Европската унија не ја сакаме поради Брисел, туку ја сакаме поради нас самите. Реформите не ги исполнуваме поради Европската комисија туку поради нашите граѓани. Европа значи реформи во сите оние домени кои највеќе значат. Пристапните процеси значат трансформација на нашата држава кон подобро, а не тест за другите, истакна Шекеринска.
Нашиот народ е европски народ и заслужува да живее европски, потенцира Шекеринска и додаде дека денеска Македонија повторно прави избор да се приклучи кон прогресивниот свет, бидејќи тоа е нашиот вистински пат кон успехот.
Претседателот на Главниот одобор на Сојузот на борците на Република Македонија и учесник во НОВ од 1941 до 1945 година, Никола Стојановски рече дека поставувањето на темелните вредности на нашата Народноослободителната борба во која се втемелени животите на над 24.000 борци и на вредностите и придонесите на асномска Македонија не се само повикување на траен пиетет кон тие вредности туку пред се потреба на нова храброст за изградба на врзните ткива на нашиот народ, што во овие кризни состојби ќе го поведе по светлите патишта на слободата, единството и придонесот на секого за отворање нови перспективи на развојот на државата врз високите европски и светски вредности со наш влог и иднина во обединетиот европски соживот.
Пред Споменикот на ослободителите на Град Скопје, цвеќе положија владината делегација предводена од заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за правда Рената Дескоска, пратеници, претставници на Кабинетот на претседателот, на АРМ, дипломатскиот кор, на локалните самоуправи и здруженија на граѓани…