Ако пред две години имавме само една жена полковничка, денеска имаме три. Ако порано на повисоките позиции немало ниту една жена, сега првпат во историјата на нашата држава имаме жена која што е аѓутант на врховниот командант. Нашата политика е буквално секоја кандидатка за војник, која ги исполнува условите – физички, здравствени и образовни, да добие шанса да биде примена, и до денеска ниту еден конкурс не се заврши без да бидат примени сите кандидатки коишто ги исполниле условите.
Ова го истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на Регионалната конференција „Улога на жената во сочувувањето на мирот и безбедноста-Резолуција 1325-Основа за акција“ што се одржа денеска во Скопје.
Според моменталните податоци, како што наведе министерката, има околу 10 отсто жени во редовите на Армијата, но вели дека и 10 отсто се уште е ниска бројка.
-Денеска гледавме повеќе жени во униформи, тоа е само примерот којшто не отсликува. Десет проценти се уште е ниска бројка. Она што ме радува е дека офицерки се повеќе, 15,1 отсто, подофицерки се 11 отсто, практично кај професионалните војници процентот е најнизок, некаде околу 5 отсто. Жени на цивилни позиции имаме 38 проценти. Значи, бројката се менува во зависност од структурата, наведе Шекеринска.
Додаде дека процентите се недоволни, но според неа, главното прашање не е само како да регрутираме нови жени и млади, туку како да ги задржиме тие коишто веќе влегле во Армијата.
Затоа, појасни дека е донесено Упатство за заштита од вознемирување на работно место, усогласено со политиките на НАТО и Програмата „Жени, безбедност и мир“, и додаде дека како Влада ќе бидат силни поддржувачи на унапредувањето на политиката на поддршка на жените.
Во однос на Резолуцијата 1325, таа појасни дека е усвоена пред 19 години, и е важна заради тоа што ја признава нерамноправната положба на жените, особено при воени конфликти и повикува на родови перспективи токму во моментите на криза, на војна, но и во период на градење систем за безбедност.
-Резолуцијата служи како рамка за агендата жени, мир и безбедност. Податоците говорат, иако ние ги избегнавме најголемиот дел од насилствата поврзани со југословенските конфликти, дека жртви на сексуално насилство биле некаде до 20.000 жени во целиот овој временски период и се уште се ова теми на кои тешко се зборува и се уште се ова теми кои се дебатираат и за коишто државите понекогаш и немаат слух да ги затворат, додаде Шекеринска.
Министерката за правда, Рената Дескоска, која имаше свое излагање на Конференцијата, наведе дека Резолуцијата постои многу поодамна, а целта е да се бори против предрасудите.
Според неа, предрасудите не се лесни за препознавање, особено ако се длабоко вкоренети во една средина, а една од тие предрасуди што опстојува со векови, како што надополни, е предрасудата за машката надмоќ во одредени сфери, посебно во сферата на безбедност, сферата на градење мир, сферата на одлучување.
Наведе дека во Владата можеби нема доволна застапеност на жените, но жените ги држат клучните ресори.
-Да дадете финансии, одбрана, правда, труд и социјала во рацете на жена, покажува признание за способноста на жените во нашата земја. Во судството доминираат жените, доминираат како студенти на правните факултети, и својата кариера се поголем број на жени ја градат во судство и обвинителство, рече Дескоска.