Шекеринска: Нема проблеми во владината коалиција

Од:

Не гледам никакви дупки и проблеми во владината коалиција. Македонија нема зошто да се плаши ако различни партии имаат различен став како што и во партиите не е страшно кога различни луѓе имаат различен став, тоа е богатство, истакна министерката за одбрана Радила Шекеринска, одговарајќи на прашање дали постои коалициска криза на партиите на власт.

– Ако не би имале разлики во нашите ставови би биле една партија, а тоа значи дека ќе се вратиме во едно минато и завршено време. Коалициските партнери имаат претходно изграден консензус околу сите крупни прашања и да не беше тој консензус ние немаше да стигнеме до таму каде што сме. За година ипол од заробена држава да стигнете во држава која е поканета и седи на масата на НАТО, не беше лесно. За да се случи тоа ни помогна кохезијата внатре во коалицијата и ни помогна фактот дека можевме да го добиеме на своја страна гласот и на луѓе кои се надвор од нашата коалиција. Околу некои прашања имаме различни ставови, дискутираме и ги решаваме, како што е на пример Законот за корупција донесен со толку голема поддршка, изјави Шекеринска при денешната посета на касарната „Илинден“.

Нагласи дека за многу прашања се дебатира во Владата и дека за поголемиот дел е постигната согласност и додаде дека различните ставови не би требало да се поврзуваат со претседателските избори.

Одговарајќи на прашање за наводни внатрепартиски анкети за кандидат за председателските избори, министерката Шекеринска рече дека таа не слушнала за внатрепартиски анкети, но нагласи дека поважна е целта што и треба на Македонија, а тоа е предвидливост, решавање на клучните проблеми, влегување во НАТО и ЕУ, односно претседател кој ќе се грижи за државата и граѓаните, а не за себе и дека такви кандидати има многу.

Во однос на прашањето на двојазичност на униформите во АРМ, Шекеринска рече дека тоа прашање не е вградено во Законот за јазиците од причини кои се однесуваат на функционирање на Армијата и фактот дека униформите претпоставуваат униформност.

– Рековме дека оваа одредба ќе ја испратиме до Венецијанската комисија и очекуваме мислење и за Законот и за оваа конкретна можна потреба. Факт е дека Армијата е една од институциите која нуди најголема кохезија. Во делот на одбраната главната промена се однесува на можноста на граѓаните на Република Македонија кои обраќаат до Министерството за одбрана да можат да го користат и својот мајчин јазик, да добијат соодветен одговор. Не мислам дека тоа негативно ќе се одрази, а Армијата е посилна заради тоа што таа е репрезент на Македонија и заради тоа што ги имаме претставено сите етнички заедници, истакна Шекеринска.

Прашана дали е потребно да се организираат и вонредни парламентарни избори со претседателските, министерката рече дека има свој став, но истакна дека ќе почека прво да го изложи на партиската дебата што ќе почне официјало в петок.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада