Неколку недели ја делат Македонија од седнувањето на столчето во НАТО заедно со останатите земји членки откако земјата го заврши својот дел од обврските поврзани со Договорот од Преспа, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска по средбата во Скопје со шефот на Бирото на националната гарда на САД, генерал Џозеф Ленгиел.
Како одличен тајминг ја оцени посетата на генералот Ленгиел министерката Шекеринска на заедничката прес-конференција, додавајќи дека на денешната средба меѓудругото разговарано за начините за унапредување на соработката со американската национална гарда.
Таа напомена оти шефот на Бирото на националната гарда на САД е исклучително важен партнер за Македонија бидејќи земјата долги години стекнува искуство од соработката со гардата на Вермонт.
-Овој момент во кој разговаравме за тешките предизвици со кои Македонија се соочуваше изминативе години моравме да спомнеме дека посетата навистина е во одличен тајминг, во момент кога Македонија покажа дека го заслужува своето место во Алијансата и поради тоа што знае да ги решава, а да не ги смрзнува и чува своите проблеми. Минатата година со потпишување на Договор меѓу Македонија и Грција, а годинава со усвојување на уставните промени покажавме дека како држава можеме да се ослободиме од тегот што долги години не влечеше кон дното, што не и дозволуваше на Македонија да го заземе своето заслужено место во НАТО и не ни дозволуваше да бидеме доволно амбициозни, ниту во поглед на нашето НАТО, ниту во поглед на нашето ЕУ членство, истакна министерката за одбрана.
Таа додаде дека земјата успеала да го стори тоа, бидејќи меѓудругото и Армијата на Република Македонија била подготвена да стане армија на Алијансата.
Таа напомена дека АРМ сите изминати години инвестирала во своето знаење, професионалност, а меѓудругото тоа било овозможено и со нашите блиски врски со САД, нивната армијата и со нивните национални гарди.
Шекеринска потсети дека околу 5.000 припадници на АРМ биле вклучени во заеднички активности со Армијата на САД. Македонија и Вермонт беа модел на соработка кога првпат во 2010 година заедно настапија и упатија свои припадници во рамки на операцијата „Феникс“ со силите на ИСАФ во Авганистан.
-За нас како држава и за АРМ од извонредено значење е билатералната соработка што ја имаме со Норвиџ универзитетот, каде пред неколку дена беше упатена уште една нова кадетка за да ги продолжи своите студии, истакна Шекеринска.
Оваа година ќе се одржи заедничката вежба „Одлучувачки удар“. Во Македонија ќе пристигнат над илјада војници од 56. бригада на Пенсилванија на заедничка обука со војниците на Првата механизирана бригада.
Генералот Ленгиел, кој е во негова прва посета на Република Македонија, рече дека Националната гарда на САД е горда што што е партнер со Армијата на Република Македонија и со македонските граѓани.
-Вашата армија е распоредена со нашата Национална гарда и таа беше првата армија која беше распоредена во Авганистан заедно со нас и обезбеди голем придонес за подготвеноста на нашите партнери и им овозможи на нашите сојузници и нам да се обучуваме заедно на армискиот полигон Криволак и тоа не само сега, туку се надевам дека тоа ќе продолжи и во иднина, истакна американскиот генерал.
Нагласи дека највисоките воени лидери на САД се свесни и благодарни за се поголемата растечка воена способност на Македонија кои придонесуваат за стабилноста и безбедност на Западен Балкан, напоменувајќи дека партнерството меѓу Вермонт и Македонија оваа година одбележува 25 години од соработката не само припадниците на Националната гарда во Вермонт, туку и припадниците на гардите во Минеста, Масачусетс, Тенеси и Хаваи ја посетиле Македонија.
-Војската на САД ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон полноправна евроатлантска интеграција вклучувајќи ги и активностите за влез во НАТО и ЕУ, преку спроведување на судски реформи, зајакнување на демократските институции во земјата и борба против корупција и развивање на конкурентско стопанство и слободен пазар. Го поздравуваме изгласувањето на уставните измени од страна на вашето Собрание кои се неопходни за исполнување на обврските на Македонија согласно Преспанскиот договор, рече генералот Ленгиел.
Тој изрази благодарност за придонесот на македонската армија како иден партнер на НАТО и додаде дека со нетрпение го очекуваат моментот да ја поздрават Македонија како најнова членка на НАТО во блиска иднина.