Шекеринска – Кара: Турција континуирано ја поддржува Македонија во НАТО-интеграциите

Од:

Република Македонија високо ја цени постојаната поддршка од Република Турција, почнувајќи од нашето признавање како независна држава, преку поддршката за интеграција во НАТО и други структури, сè до одличната соработка во одбраната. Таа поддршка беше клучна во најтешките моменти за нас и е видлива и денеска, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната средба со амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара.

Како што соопшти Министерството за одбрана, министерката Шекеринска на средбата изрази благодарност за финансиската поддршка, која досега достигнува над 20 милиони долари.

– За нас се важни и можностите за обука на припадниците на АРМ во турските воено-образовни институции, како и учеството на АРМ во рамките на турските контингенти, рече министерката и изрази надеж дека оваа добра соработка ќе продолжи и во иднина.

Амбасадорката Кара истакна дека Турција е една од постојаните поддржувачи на Македонија во НАТО-интеграциите и изрази надеж дека новата Влада ќе донесе стабилност.

– Ја цениме стабилноста на Македонија која е многу значајна за стабилноста на целиот Балкан. Од аспект на стабилноста и просперитетот Турција дава големо значење на односите со Република Македонија, рече амбасадорката Кара.

Турција и Македонија во областа на одбраната соработуваат од 1994 година. Досега во воените училишта во Турција на школување и стручно усовршување биле испратени околу 700 припадници на Армијата на Република Македонија. Земјите соработуваат и на регионално ниво, како што е Процесот за соработка во Југоисточна Европа – СЕДМ, се посочува во соопштението од Министерството за одбрана.

Би можело да ве интересира

Отповикани седум амбасадори со укази на претседателката Сиљановска Давкова

А1он

Ќе бидат повлечени амбасадорите во чија работа ќе се констатираат нерегуларности, најави Мицкоски

Елфет Исмаили нова заменик министерка за одбрана

МО: Насковски уште во мај 2023 година е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација НСПВ

НСПВ: Министерството за одбрана ја сопре членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување

Горан Наумовски

Петровска со иницијатива за подигање спомен обележје во Тетово за загинатите во масакрот кај Вејце

Ана Ололовска