Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) објави конкурс за најдобри новинарски стории од сферата на општествено-социјалниот живот, со фокус на унапредувањето на човековите права и промовирањето на правата на социјално ранливите и маргинализирани групи граѓани што ќе биде отворен до 10 септември годинава.
Јавниот повик, велат од СЕММ, е отворен за сите професионални новинари и редакции, кои објавиле свои стории во медиумите во Македонија во периодот од 1 јуни 2017 година до 1 јуни 2018 година. Пријавените содржини треба да ги исполнуваат критериумите за автентична и аналитична новинарска работа од поширок јавен интерес која ги задоволува етичките стандарди во новинарството, преку демонстрирање силна определба на авторот за доследна и темелна разработка на темата.
Изработената содржина може да биде во каква било новинарската форма или жанр (текст, прилог, документарец, репортажа, интервју…). Сторијата може да биде пријавена од самите новинари и медиуми или од поединци, институции и граѓански здруженија. Бројот на сториите со кои што може да учествува еден автор или редакција е ограничен на три.
Апликациите може да се испраќаат на електронска пошта на [email protected], потребно е да се наведе линк до новинарската содржина и таа да се прикачи како додаток во е-пошта (pdf документ), по пошта на адреса: Совет за етика во медиумите на Македонија бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ бр.54/2, 1000 Скопје, содржината да се достави во пет примероци и копија на ЦД (од печатените и од аудиовизуелните материјали), како и лично да се достават во просториите на Советот за етика во пет примероци (и копија на ЦД од печатените и од аудиовизуелните материјали).
Најдобрите стории ќе ги одбере жири составено од реномирани и релевантни претставници на професијата. Авторите на најдобрите стории ќе добијат парични награди во износ од 700 евра (во денарска противвредност) за прво место, 600 евра за второ место и 500 евра за трето место.
Повеќе информации за конкурсот може да се добијат на телефонскиот број 02/3222-595.