СЕММ ги додели наградите за најдобри новинарски стории за теми од општествено-социјалниот живот

Од:

Серијалот за бебињата на Гинекологија објавен во шест стории во низа во „Фокус“ на новинарката Ирена Мулачка ја доби првата награда за најдобра новинарска сторија на пвиот конкурс на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) за новинарски трудови од областа на општествено-социјалниот живот.

Втората награда ја доби новинарот Никола Здравковиќ за прилогот за самохрана мајка со наслов „Семејна трагедија ја остави без парче леб Гордана Славковиќ“ објавен во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, а третата награда ја делат новинарите Мирјана Мирчевска-Јовановиќ за серијалот прилози за малиот Иван и неговата баба, емитуван на ТВ Канал 5 и Марјан Николовски за прилогот со наслов „Можат ли верските заедници да ги тргнат сите бариери за непречена молитва“ објавен во емисијата „На иста страна“ на ТВ Сител.

СЕЕМ додели и две пофалници – на Зоран Јовановски за ТВ-прилогот „Да прогледаат тие што треба да видат“ од проектот „360 степени“ на ТВ Алсат и Маја Раванска за текстот „Македонскиот Стивен Хокинг задушен во стегите на неинклузивно општество“ објавен во списанието „Лице в лице“.

Одлуките ги донесе тричлено жири во состав Жанета Трајковска, Зоран Иванов и Бардуљ Заими. Според жирито, годинава биле пријавени повеќе новинарски приказни со забележително квалитетна обработка, кои адресираат важни теми од јавен интерес, како и трудови кои ја разбранувале јавноста и поттикнале решенија на одредени општествени проблеми.

– Затоа жирито одлучи да го додели максималниот број награди, кои се признание за трудот на новинарите, стимулирајќи ги да продолжат да работат со ист квалитет и посветенот, рече претседавачот на жирито Заими.

За првонаградената Мулачка одлуката била едногласна со оценка дека се работи за сеопфатен и темелен истражувачки зафат кој нуди обемни екслузивни и чувствителни информации за состојбата со новороденчињата во земјата, во кој се вклучени и потресни сведоштва на пациентки.

– Серијал што го стресе македонското здравство и разгоре сериозна дебата во јавноста и меѓу лекарската фела за довербата на пациентите во здравствениот систем, рече Заими, соопштувајќи ја одлуката.

Авторката Мулачка изјави дека собирањето на информациите за сторијата одело тешко поради затвореноста за комуникација на тогашното раководство на Гинекологија, но дел од лекарите на клиниката, на кои им се заблагодари, и ги дале потребните документи, со што помогнале оваа приказна да излезе на виделина.

– Во денешен „Фокус“ објавив нова сторија за последните седум месеци и за уште 127 бебиња. За разлика од претходното раководство, првпат сега успеав да влезам на Клиниката и да добијам фотографии и официјални податоци за оваа година, која мислам ќе заврши најстрашно со почнати бебиња, рече Мулачка по примањето на признанието.

Авторите на сториите што добија втора и трета награда и пофалници во своите изјави порачаа дека институциите не треба да ги чекаат нивните стории за да ги решат проблемите на лицата од ранливите категории и да ги исправаат навреме свои пропусти.

СЕММ првпат годинава ги доделува наградите, а отворениот јавен повик важеше за сите редакции кои објавиле прилози од оваа област меѓу 1 мај 2016 и 31 мај 2017 година.

Марина Тунева, извршен директор на СЕММ, е задоволна од бројот на пријавени трудови и истакна дека ќе се залагаат конкурсот да стане традиционален со цел да се поддржи професионалното и етичко новинарство.

– Наградите оваа година се доделуваат со финансиска поддршка од Европската унија и УНЕСКО во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во ЈИЕ и Турција“. Бевме позитивно изненадени со оглед дека конкурсот се организира првпат. Се пријавија 49 автори со 155 стории во различни новинарски форми и жанрови. Од пријавените новинарски стории, 63 беа објавени на интернет-портали, 48 во печатени медиуми, 36 на телевизии, четири на радио. Фондот за наградите зинесува вкупно 1.800 евра за сите наградени стории, рече Тунева, која ги охрабри новинарите да обработуваат теми што ќе бидат вистински одраз на нивниот висок професионален интегритет.

Наградите на новинарите им ги врачи амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар кој истакна дека сториите ги промовираат човековите права на ранливите групи и дека наградите се признание за професионализмот на авторите.

– Ова е признание за новинарите кои даваат свој придонес во подобрувањето на квалитетот на животот на луѓето, како и нивните права да бидат почитувани. Ние постојано во минатото повторувавме за важноста на професионалното новинарство и улогата на медиумите во обезбедување сигурни, плуралистични, објективни информации, за потребата за подобрување на работните услови на новинарите, како и за саморегулацијата, за да се пренебрегнат етичките предизвици. И сето ова се уште важи, и ден-денес… Медиумите треба да ја земат државата за одговорна, а истражувачкото новинарство треба да се зајакне во медиумските куќи, рече Жбогар.

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on