„Семејството на донорот ни стана свое семејство“, вели Иван една година по трансплантацијата на срцето

Од:

Точно на овој ден минатата година, во 2 часот наутро, во градите на 54-годишниот Иван Огњановски зачука ново срце. Првпат во земјата беше извршена трансплантација на срце од починат донор.

Огњановски го доби срцето на 43-годишната Емилија Динева од Стар Дојран, која настрада во сообраќајна несреќа, зад себе остави сопруг и две деца, а семејството се согласи да ги донира нејзините органи за да спаси живот.

Оттогаш, раскажува Иван за „А1он“, секој викенд син му оди во посета на семејството Диневи во Стар Дојран. Станале како едно семејство.

„Да не беа донорите, да не беше Емилија Динева, јас немаше денеска да бидам жив. Син ми секоја сабота или недела оди кај нив дома. Јас не можам да патувам, но тој не пропушта да оди да ги види. Тие и на тој начин се тешат, велат, ете, барем срцето на нашата мајка и сопруга е сѐ уште живо, чука“, вели Иван за „А1он“.

Иван Огњановски лани по трансплантацијата, со лекарскиот тим

Една година по трансплантацијата, неговото срце е во одлична состојба.

„Докторите се прекрасни, денеска дури и ми се јавуваа да ми честитаат една година од трансплантацијата. Јас имам и други здравствени проблеми, полoвина година поминав во болници, знаете, кога кај стар автомобил ќе поправиш едно, се расипува друго, но, ете, така било речено. Последниве 3 месеци сум одлично. Редовно ми се вршат контроли, со срцето нема никакви проблеми, нема отфрлање, сѐ функционира одлично“, раскажува тој.

Проблем му претставуваат финансиските средства бидејќи живее со 4 илјади денари, што ги прима од државата за нега на трето лице.

„Бев одбиен за инвалидска пензија бидејќи немав стаж, па живеам со татко ми, тој има 15.000 денари пензија. Шест илјади одат за лекови, плаќаме комуналии, а со преостанатото живееме, тоа е животот“, ни вели Иван.

Првата трансплантација на срце во земјата, во координација со министерот за здравство, Венко Филипче, ја почна и ја водеше националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Мијовска. Таа со својот тим болнички координaтори – д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство – ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се почне со трансплантацијата на срцето и на бубрезите.

Мојсова, Георгиев, Андоновска и Дурнев

„Приказната за трансплантацијата на срце ја почнавме пред една и пол година кога почнавме да ја реализираме замислата за проширување на Програмата за трансплатација на органи и ткива. Ништо од сето ова не беше случајно. Се работеше неколку месеци на подготовки за конечно првата трансплантација да биде на 23 мај минатата година. Благодарение на соработката на лекарите од јавното и приватното здравство, но, пред сѐ, поради едно семејство, кое во моменти на најголема тага одлучи да ги донира органите на својата мајка и со тоа да спаси неколку животи. Овој успех не е случаен. Една година подоцна, имаме трансплантирано уште едно срце, шест бубрези, а Програмата ја проширивме и во делот на трансплантацијата на коски. Покажавме дека со многу работа и посветеност можеме да направиме многу“, вели Мојсова за „А1он“.

Филипче со тимот лекари што работеа на трансплантацијата

На експлантацијата минатата година работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа д-р Маја Мојсова-Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од „Аџибадем Систина“.

Една година подоцна, на 17 април годинава, успешно беше завршена и втората трансплантација на срце во земјата. Во 3.33 часот тоа утро зачука новото срце кај Иле Стрезовски, 22-годишно момче, кое подолго време чекаше донор за трансплантација.

Трансплантацијата на срце кај 22-годишното момче минатиот месец

Согласност за трансплантација на органите даде семејството на 20-годишната Верица Белчевска од Берово, која настрада во сообраќајна несреќа откога беше удрена на пешачки премин во Струмица.

И Стрезовски за „А1он“ денеска изјави дека еден месец по трансплантацијата, се чувствува одлично и дека бескрајно му благодари на семејството на младата Верица и на целиот тим кој учествуваше во оваа операција.

Би можело да ве интересира

Почина жената на која и беше трансплантиран бубрег од свиња

Зголемена смртност на Кардиохирургија нема, разрешен сум противзаконски – Шокаровски вели дека има хајка против Клиниката

Анита Петровска Рајковиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

„Не може да се дојде до термин на државна кардиохирургија“: Пациентите незадоволни откако Фондот ги намали операциите во приватните клиники

A1on

Изведена мултиорганска трансплантација на органи – пациенти добија срце, црн дроб, бубрези

Катерина Ѓуровски

Случајот со Леонид ги откри сите слабости на Фондот: Се кратат пари за лекување и за операции на срце во приватните клиники

A1on