Она што го видов како родител, не го посакувам на ниту еден друг родител да го доживее со своето дете. Вака Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски-Боки 13 за „А1он“ ја опишува состојбата на неговиот син, кого го посетил во текот на денешното попладне. Тој потенцира дека тој и неговата сопруга, мајка на Боки 13 се загрижени за севкупната здравствена состојба на синот.
„Денеска во 14 часот бевме во посета, во КПУ „Идризово“, каде се наоѓа нашиот син, по извршеното насилство врз него. Како родители на Бојан, заедно со мојата сопруга истакнуваме дека сме загрижени за неговата севкупна состојба, пред се за неговата здравствена состојба“, посочува Миле Јовановски и додава: „Бидејќи, од страна на затворската докторка не му се дава задолжителната терапија, не се носи на контроли во болница каде има повеќегодишна медицинска историја.
Таткото на Боки 13 е дециден: „Затоа, дефинитивно можам да кажам дека тој е жртва на линч и тортура“.
За состојбата во која се наоѓа по претепувањето, Миле Јовановски за „А1он“ посочува: „Бојан има видливи повреди, хематоми по главата, рани по лицето и околу устата, повредена му е левата рака и чувствува константни болки во стомакот, бидејќи тој веќе и има хронично абдоменално заболување, а домската лекарка буквално се изживува и не му пружа никаква медицинска помош и нега, не ја дава задолжителната терапија“.
Според Миле Јовановски и покрај претепувањето, повредите и состојбата во која се наоѓа поради неземањето на медицинската терапија, Боки 13 е во добра психичка состојба.
„Покрај сите повреди, линч и тортура, Бојан е психички во одлична кондиција. Во наредните денови ќе се обрати преку официјално соопштение преку правниот тим. Како негов родител апелирам до сите надлежни и засегнати страни да престане тортурата врз Бојан и согласно неговата здравствена состојба да постапат онака како што налага законот. Да ги почитуваат неговите основни човекови права, кои се надевам дека важат и за него во оваа држава“, заклучува Јовановски.