Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Насер Селмани изјави дека имало обид да се злоупотреби денешниот протест на новинарите, известувачи од Собранието и дека намерата на собраниските известувачи беше незадоволството да биде изразено цивилизирано и достоинствено.
– Пред да почне седницата ги замолив колегите известувачи од Собрание да изразиме протест за она што ни се случи пред неколку дена. Ги замолив на достоинствен и мирен начин да го изразиме нашиот протест. Таму имаше некои работи со кои ние не се согласуваме затоа што сметаме дека тоа не е наш начин на изразување на протест и незадоволство. Мислам дека имаше обид да се злоупотреби целата ситуација со која ние не се согласуваме, изјави Селмани.
Тоа што се случи во понеделникот, вели Селмани, ни се случи нам на собраниските известувачи.
– Ако некој сакаше да се солидализира со она што ни се случи мислам дека пристојно ќе беше да не прашаат кој е начинот на кој ние сакаме да го изразиме револтот. Тоа дефинитивно не беше. Од реакцијата од известувачите од Собрание сфатив дека најголемиот дел од нив не се согласуваат со начинот како некои новинари колеги кои не известуваат од Собранието ја злупотребија целата ситуација. Ние сме незадоволни, меѓутоа нашиот начин на изразување и незадоволство сакаме да биде цивилизирано и достоинствено, изјави претседателот на ЗНМ.
Нагласува дека ЗНМ чека да ги добие одговорите од сите институции, пред се од МВР затоа што, како што вели, тие се најдиректно инволиварани.
– После тоа ќе ја процениме ситуацијата и ќе видиме кои ни се другите опции на опсег за да можеме да реагираме. Меѓутоа, од тоа нема да се повлечеме. Мора некој да сноси одговорност за тоа што се случи затоа што ако тоа не се случи ќе се отвори пак. Утре, задутре, некој на порадикален начин да се пресметува со новинарите што ние нема да го дозволиме, рече Селмани.