Секој ден во шест, до паѓање на власта!

Од:

Левичарското здружение Солидарност, ги повикува граѓаните, секој ден во 18 часот, се до паѓање на власта.

Граѓаните на Македонија веќе не чувствуваат страв – тие чувстуваат гадење од нечовечната власт на ВМРО-ДПМНЕ, и незадржлив порив за конечно ослободување на Македонија!

На 5 мај 2015, самоорганизирани, во солидарност и со голема решителност застанавме на браникот на слободата, извикувајќи: ДОСТА Е! Девет години лажат, крадат, пустошат! Убија млад невин човек, и пробаа да скријат! Мартин Нешковски е симболот на сите животи кои оваа нечовечна власт секојдневно ги одзема, и сите криминали кои пробува да ги заташка! Ние силно извикуваме: НЕМА ДА ИМ ПОМИНЕ!

Другарки и другари, сограѓани, а сега официјално и соборци – ЛД Солидарност има да ви порача само едно нешто –ЧЕСТ НИ Е ШТО БЕВМЕ ЗАЕДНО И ВО НАЈОПАСНИТЕ СИТУАЦИИ, РАМО ДО РАМО СО ВАС! Одиме понатаму! Борбата не запира до конечна победа! СЕКОЈ ДЕН ВО ШЕСТ!

Синоќа, кукавичкиот режим на нашиот ненасилен протест одговори со тешко вооружени специјални единици! На нашите повици за слобода и демократија и крај на полициската бруталност, тие одговорија со употреба на прекумерна сила, и уште поголема и поотворена бруталност! Не’ тепаа, не’ влечеа по улици, некои од нас ги приведоа. Но, НЕ СЕ ПРЕДАВАМЕ! Апелираме и да споделувате информации на најблиските и на социјалните мрежи, затоа што медиумската империја на ВМРО-ДПМНЕ веќе на големо работи на спинување и оцрнување на протестите!

Другарки и другари – синоќа народот го крена гласот, и борбата е веќе започната. Со секој чин на полициско насилство кон невините граѓани, нашиот долг станува се’ поголем. Денес, и секој ден понатаму, ние бараме правда за Мартин, но и за нашите другарки и другари кои паднаа под налетот на режимските послушници! Бараме правда сега, за да можеме да градиме мир за идните генерации!

Во моментот кога една влада крева рака на својот народ, јасно е дека нема враќање назад. Со ќотекот врз невините граѓани, тие го покажаа правото лице: спремни по секоја цена да останат на власт, без грам совест и чест; без волја никого да сослушаат, без трошка одговорност! За нив, ниту голиот човечки живот нема вредност! Јасно е како ден: тие нема да си дадат оставки, судовите нема да ги гонат, а јавниот сервис тоа нема да го пренесува! Во борбата ние мораме да се сплотиме, солидарно и истрајно да ја истераме до крај нашата правдина!

Токму затоа, ЛД Солидарност повикува на масовно, солидарно и самоорганизирано делување на сите граѓани кои веќе не можат да го издржат притисикот на оваа нечовечка власт! Ги повикуваме сите организации, општествени движења и групи граѓани кои изминатиов период ни служеа како инспирација и кои безрезервно ги поддржуваме: Студентскиот, Професорскиот, Средношколскиот и Наставничкиот Пленум; Движењето за оставка на Никола Тодоров; хонорарците, стечајците, невработените, експлоатираните и ограбените; сите оние кои немаат пари да си ги платат сметките или да го преживеат месецот! Сите знајни и незнајни жртви на овој режим! Да застанеме солидарно едни до други, СЕКОЈ ДЕН ВО ШЕСТ, се’ до заминување на оваа власт!

Другарки и другари! На боиштето сите сме едно. Не ни требаат спасители, ниту домашни, ниту странски – ние веќе самостојно ја пишуваме историјата на новото демократско и социјално праведно општество!

Секој ден во шест.

Ќе победиме!

Би можело да ве интересира

Џафери не ја стави на гласање Декларацијата на Левица за Палестина оти не била преведена на албански

A1on

Амандманска расправа за законот за данок на солидарност

„Солидарност“ демантира дека ќе се вклучи во формирање партија

Ана Ололовска

Солидарност: Власта е соучесник во експлоатацијата на работниците

Ана Ололовска

Солидарност: Борбата против малигниот груевизам во општеството мора да продолжи!

Емир Латифовиќ

ВИДЕО: Николче ништо не прифаќаме ако ти останеш премиер

Емир Латифовиќ