Секој четврти тестиран е ковид позитивен, со омикрон заразени 68 проценти

Од:

Секој четврти тестиран, според последната статистика на МЗ, е позитивен на Ковид-19, а 68 проценти од секвенционираните примероци се со новиот сој на вирусот – омикрон.

Вчера беа евидентирани 1.822 нови случаи на Ковид-19, од направени 7.123 тестови. Регистрирани беа тројца починати, а 668 оздравени пациенти. Активни се 13.478 случаи.

Според последните податоци во земјава, омикрон варијантата на коронавирусот e детектирана кај 68 отсто од секвенционираните примероци направени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје.

Омикрон сојот е откриен во 12 градови – во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и Битола.

Според извештаите од болниците, на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41 процент повеќе во споредба со претходна недела.

Исто така, зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, а бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти. Според епидемиолошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат.

Досега во земјата се направени вкупно 1.679.890 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 238.061. Бројот на оздравени пациенти е 216.521, а на починати е 8.062.

Комисијата за заразни болести засега нема предлози за нови мерки, ниту за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се асимптоматски случаи. За овој предлог членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.

Се разгледува и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година, но одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата.

Надлежните апелираат до граѓаните кои чувствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат за да спречат ширење на вирусот.

Претседателот на СДСМ и мандаторот за новиот владин кабинет Димитар Ковачевски синоќа ги повика граѓаните да се вакцинираат бидејќи на тој начин, како што рече, си помагаат на себе, но и на сите други, особено на здравствениот персонал како и на економијата во целост. Сепак, напомена дека тој не е за решенија со притисок бидејќи смета дека треба и јавното мислење да се почитува.

Во меѓувреме, високи бројки на заразени бележат сите земји во регионот и пошироко.

Во Србија вчера беа регистрирани 12.877 случаи. Починале 26 лица, со што вкупниот број на починати од Ковид-19 е 12.984 лица.
Рекордни бројки на заразени од Ковид-19 има и во Словенија, каде што секој втор тестиран бил позитивен. Вчера во оваа држава беа регистрирани 7.420 лица инфицирани со Ковид-19, што е нов рекорд на дневно ниво.

Словенечкиот Национален институт за јавно здравје (НИЈЗ) соопшти дека од 14.814 ПЦР тестови откриени се 7.420 случаи, а позитивни биле 50,1 отсто, што е најголема бројка од почетокот на епидемијата.
Исто така, словенечките епидемиолози не и препорачуваат на Владата да воведе задолжителна вакцинација против Ковид-19. Експертите кои дејствуваат во рамките НИЈЗ и предлагаат на Владата да ги заостри условите за работа и за движење поради зголемениот број на заболени лица со сојот Омикрон.
Словенечката Влада уште минатата есен одлучи да воведе задолжителна вакцинација за вработените во државните институции, но одлуката беше оспорена и суспендирана од Уставниот суд.

Во Германија пак, вчера за првпат од почетокот на пандемијата беа регистрирани над 80.000 новозаразени со Ковид-19.
Во Грција за уште една недела се продолжени мерките што се однесуваат на угостителските објекти, исполнетоста на стадионите и работата од дома.

Според најновото истражување на јавното мислење на агенцијата „Focus Bari | YouGov“, дури 65 отсто од антиваксерите во Грција не се вакцинираат бидејќи „одбиваат да сторат нешто што им е наметнато“, а 57 проценти сметаат дека вакцината не е проверена или е експериментална.

Швајцарија ќе го преполови времетраењето на карантинот на пет дена за да и помогне на економијата да се справи со пандемскиот бран предизвикан од Омикрон варијантата на коронавирус, објави вчера швајцарската Влада.

Здравствените власти го одобрија тоа во вторникот, во време кога десетици илјади луѓе секојдневно се заразуваат со оваа многу заразна варијанта на вирусот.

Според Светската здравствена организација (СЗО), над половината од луѓето во Европа би можеле да бидат заразени со новиот сој на коронавирусот – омикрон.

Американскиот епидемиолог и експертка од Светската здравствена организација (СЗО) за Ковид-19, Марија Ван Керхове, истакна дека варијантата омикрон не значи лесна форма на болест.

Керхове рече дека појавата на омикрон што циркулира нашироко и кој многу ефикасно се пренесува меѓу луѓето е она што предизвикува нагло зголемување на случаите на коронавирус во светот. Таа истакна дека омикрон брзо ја надминува варијантата делта во однос на циркулацијата.

Сепак, според експертите, најновиот сој на вирусот е на пат кон нагло опаѓање. Тие гледаат знаци дека алармантниот бран на Омикрон можеби го достигнал својот врв во Британија и САД, по што бројот на новозаразени може да почне нагло да опаѓа.

Причината за ова е што омикрон станал толку многу заразен што можеби нема повеќе луѓе низ кои не поминал, само месец и половина откако беше откриен во Јужна Африка. Неговата распространетост „може да се намали исто толку брзо како што расте“, изјави истражувачот Али Мокдад од Универзитетот Вашингтон во Сиетл.

Во исто време, експертите предупредуваат дека сè уште постои голема неизвесност за тоа како би се развивала следната фаза од пандемијата.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска