Општината Сарај е на врвот според активните случаи на Ковид-19. Седум од денешните нови 24 случаи на коронавирус од Скопје, се од оваа општина.
Четворица од новорегистрираните случаи се од Бутел, по тројца од Чаир и од Аеродром, по двајца од Студеничани и од Шуто Оризари и по еден од Кисела Вода и од Карпош, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму не информираат дали станува збор за веќе познати кластери.
Со последните бројки, само во Скопје има 232 активни случаи на Ковид-19.
Вкупно, во земјава има 469 активни случаи. Освен Скопје, според бројките, на врвот на листата се и Тетово (71), Велес (31), Куманово (36) и Прилеп (43).
Во последниве три дена, има девет смртни случаи како последица на коронавирусот.
На Инфективната клиника во Скопје и во ГОБ „8 Септември“ во последните 24 часа примени се 12 нови пациенти. Вкупно, со инфективните одделенија во останатите градови, хоспитализирани се 128 пациенти заболени од коронавирусот.
Од нив, според податоците на Министерството, седум се поставени на респиратор, а уште седум се со потешка клиничка слика.