Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница поведе постапка за одредби од Законот за работните односи. Станува збор за член 104, став 2 во делот „маж, односно до 65 години возраст жена“ и став 4 во делот „маж, односно најмногу до 65 години возраст жена“ од Законт за работни односи.
Иницијативата е поднесена од Националниот сојуз за родова рамноправност, Македонското женско лоби, шест професори од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и група вработени во Висока медицинска школа во Битола.
Иницијаторите ги оспоруват овие делови од одредбата, бидејќи сметаат дека мажите и жените како работници треба да имаат право на избор дали ќе продолжат со својата работа за еднаков број години.
Судот поведе постапка за оспорените делови од одредбите, бидејќи смета дека не се во согласност со Уставот, затоа што уставно-судската пракса во минатото била таква да правото на продолжување на работниот однос било еднакво за работниците, без оглед дали е маж или жена.
Според Судот со овие одредби од Законот не е воспоставена еднаквост на право на избор од аспект на годините кои му се даваат на работникот да продолжи со работа. Од Судот сметаат дека и мажите и жените како работници имаат право на избор да продолжат со својата работа за еднаков број на години.