Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница расправаше и одлучуваше за пет закони и два подзаконски акти.
Судот поведе постапка за две одредби од Законот за јавни службеници донесен 2010 година и шест пати дополнуван. Во членот 25, став 1 се предвидува јавниот службеник да е должен да ја чува класифицираната информација на начин утврден со закон. Поведувањето е во делот „и со друг пропис“ затоа што само со закон можат да се уредуваат прашања во врска со класифицираните информации, а не и со подзаконски акти. Во однос на член 68, алинеа 6 со која се предвидува на јавниот службеник да му престане вработувањето и во случај ако органот на државната управа надлежен за инспекцијата на трудот утврди дека јавниот службеник е вработен спротивно на одредбите на овој закон. Поведувањето е затоа што законот не определува во колкав временски опфат би можел да биде предметот на оцена од страна на надлежна комисија дали постапката на вработувањето е спроведена законито. Судот не поведе постапка за седум одредби од овој закон, а за една одредба ја отфрли иницијативата.
На денешната седница Уставниот суд не поведе постапка за член 25, став 2 од Законот за извршување донесен 2005 година и 10 пати дополнуван.
Судот не поведе постапка за осум члена од Законот за здравствена заштита донесен 2012 година и дополнуван три пати, а истовремено за шест члена од овој закон Судот ја отфрли иницијативата.
Уставниот суд ја отфрли иницијативата за измените на 10 члена од Законот за следење на комуникации кои измени се направени во 2008 година.
Судот ја отфрли иницијативата за две одредби од Законот за катастар на недвижности донесен 2008 година и четири пати дополнуван, бидејќи Законот престанал да важи со донесувањето на новиот Закон за катастар на недвижности во 2013 година.
На денешната седница Уставниот суд поведе постапка за тарифата со која се утврдува висината на надоместокот за извршени геодетски работи донесена од Управниот одбор на Агенцијата за катастар за недвижности во 2011 година. Поведувањето е затоа што тарифата е донесена врз основа на Законот за катастар на недвижности од 2008 година, а во 2013 година е донесен нов Закон, при што рокот за продолжување на тарифата донесена по стариот закон, изминал во октомври 2013 година. Во новиот закон нема донесена тарифа со што продолжила да важи старата, а според новиот закон изминал рокот на старата тарифа, па таа тарифа останува без законски основ.
Судот ја отфрли иницијативата на одликата на Советот на Општина Струга од декември 2013 во која се става во мирување на ДУП-от донесен за период од 2010 до 2015 година. Инцијативата е отфрлена бидејќи одлуката има еднократно дејство, ставање во мирување, со што одлуката не преставува пропис со кој се уредуваат права и обврски.