Седница на собраниската Комисија за политички систем

Од:

Членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ја поддржаа Предлог – одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител.

Омбудсманот Иџет Мемети на седницата изнесе забелешки за Законот за народен правобранител кој, како што рече, иако со големи маки беше сменет, не успеа да гарантира до крај финансиска независност на оваа институција. – Законот не успеа да обезбеди санкции за неговото попречување во случаи на тешки повреди на човековите права во Македонија, рече Мемети.

Мемети посочи дека во Република Македонија веќе две години нема Национален превентивен механизам. – За една недела ќе излезам со Годишен извештај кој ќе го пратам до Обединетите нации и јавноста за состојбата со човековите слободи и права во местата за лишување од слобода, рече Мемети и додаде дека извештајот е подготвен од млади правници кои се платени хонорарно.

– Ако сакаме институцијата народен правобранител да биде независна под итно треба да се надгради во сегментот на финансиите, во сегментот на вработувањата, затоа што актите за систематизација се пред Собрание, а не пред извршната власт, рече Мемети.

Според Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ има потреба системски како институција да се вгради полициски омбудсман.

– Сметаме дека полицискиот омбудсман би требало да има надлежности, но истовремено да има добар систем за непристрасен избор за да може да ја врши својата задача. Полицискиот омбудсман треба да биде човек со висок морален и личен интегритет, но и со доволен број соработници, рече Милошоски.

Во однос на правилникот и систематизацијата Милошоски рече дека треба да се даде „зелено“ светло за унапредување на структурата на самата установа омбудсман. Тој со забелешка кон народниот правобранител дека, како што рече, подолго време промовира принципи на државно ниво, а за нив не се залага на локално ниво. – Промовира принципи на еднаквост, рамноправност, Рамковен договор и слично на државно ниво, додека на ниво на единици на локална самоуправа во општина Теарце, Брвеница, Стрга, Тетово и на многу други места недоволно се залага за поддршка на истите принципи кои што пред законодавната и извршната власт ги промовира гласно, додаде Милошоски.

Соња Мираковска од НСДП реплицирајќи му на Милошоски во врска со полицискиот омбудсман рече дека како опозиција сега има сосема поинаков став. – Кога бевте на власт тоа беше последно нешто што ве интересираше и бевте исклучително против кога тој закон се обидовме да го внесеме во собраниска процедура. Разликата меѓу нас и вас е во тоа што и кога сме на власт сметаме дека има потреба од посебна контрола на работата на полицијата, додаде таа.

Членовите на Комисијата попладнево треба да го разгледаат Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2016 година.

Мемети на прес-конференцијата во март годинава кога го презентираше извештајот рече дека во Македонија има стагнација и назадување на човековите права, а и понатаму има институции кои не ја разбираат улогата на народниот правобранител.

Презентирајќи ги статистичките показатели, Мемети подвлече дека минатата година канцеларијата на народниот правобранител постапила по 4.718 случаи, од кои во извештајниот период биле примени 3.775 претставки, а 37 биле отворени по иницијатива на правобранителот.

Најголем број од претставките биле од областа на финансиите и финансиското работење, потоа од правосудството, потрошувачките права, од социјалната заштита, од казнено-поправните и воспитно-поправните установи, од имотно-правната област, урбанизам и градба, од работните односи, како и од пензиското и инвалидското осигурување.

Притоа констатирани биле 1.523 повреди на човековите права и слободи, а од 1.358 случаи биле прифатени интервенциите.

Мемети образложи дека во однос на посочените состојби со човековите права и слободи, во државата нема ефективни истраги за полициската бруталност и продолжува практиката на неказнивост на полициските службеници.

Условите во затворите, рече народниот правобранител, само декларативно се подобруваат и во нив постојат нечовечки и нехумани услови за престој, па така наместо лекари, затвореници лекуваат затвореници.

Во извештајот е посочено дека функционирањето на правосудниот систем, исто така, останува голем проблем. За овој проблем, образложи Мемети, констатирани се низа слабости што имаат директни последици врз ефикасното остварување и заштитата на правата на граѓаните, особено примената на принципот на судење во разумен рок.

Народниот правобранител во извештајот посочува дека во 2016 година констатирани се повреди на правата на вработување на лица со попреченост, незаконско депонирање на бегалците, противзаконско утврдување и наплата на радиодифузна такса и вода, како и непрофесионалност во работата на изборните органи.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови