Се засилува надзорот врз потенцијалните загадувачи

Од:

Тимови составени од претставници на државните инспекторати заедно со општинските инспектори, придружувани од еден полициски службеник од денеска секојдневно заедно ќе патролираат насекаде низ земјава со цел да се подобрат состојбите во областа на загадувањето на амбиенталниот воздух и животната средина и да се спречи загадувањето.

Тоа, како интервентна краткорочна мерка, е одлучено да се спроведе на денешниот координативен состанок во Владата на вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и министрите за земјоделство шумарство и водостопанство и за животна средина и просторно планирање, Трајан Димковски и Насер Нуредини, со претставници на Инспекцискиот совет, директорите на инспекторатите и општинските инспектори.

– Проблемот на загадување не е нешто што може од денеска за утре да се реши и бара долгорочни мерки и решенија, но во од може да се спречуваат некои работи, а токму тоа треба да го прават инспекторатите. Денеска се договоривме и им дадовме задача на сите централни инспекторати да постапат во рамките на своите надлежности и да ги исконтролираат сите субјекти кои имаат можност да бидат потенцијални загадувачи и тоа заедно да го координираат со општинските инспекторати, да формираат заеднички тимови и во секој од нив да има полициски службеник кој ќе работи со нив на терен. Тоа да го прават секојдневно и континуирано во сите градови во државата, изјави Спасовски по состанокот и додаде дека процесот ќе се координира во Владата каде ќе се добиваат секојдневни извештаи за мерките што биле преземени.

Институциите, додаде, добија задача да направат планови каде треба да се извршат контролите и да постапуваат заеднички, а полицискиот службеник ќе им помага за да можат да ги легитимираат луѓето и на тој начин да се проверат сите „А“ и „Б“ интегрирани дозволи на субјектите кои работат за да се види дали ги исполнуваат стандардите.

Низ дебатата, како што кажа, произлегле краткорочни решенија, но и предлози за измени на законски решенија и правилници за заштита и подигање на јавната свест за животната средина.

-Во текот на денешниот ден ќе се организираат сите структури и паралелно ќе работат со останатите институции за да се намали загадувањето. За оние што ќе загадуваат ќе има казни и кривични пријави како што е предвидено во законскит ерешенија. Вчера се сретнавме и со јавниот обвинител за да има ефекти од процесуирањето на кривичните пријави, бидејќи неказнивоста е клучниот проблем. Ако има неказнивост кон луѓето и институциите тогаш настануваат и сериозни проблеми, рече Спасовски.

Тој апелираше до граѓаните да не ја загадуваат животната средина зашто, како што кажа, ќе има силна и жестока реакција од институциите со цел да се спречи актуелниот тренд на палење на шумите и депонирање на отпад на недозволени места. На локалните самоуправи им препорача да посветат внимание на палењето на дивите депонии.

-Сите заедно треба да придонесеме да ја ствиме под контрола состојбата со загадувањето. Оваа Влада првпат по многу години направи мерки кои ќе значат решавање на овој проблем, но мора да почнат да даваат резултати, рече Спасовски.

Како клучна мерка за решавање на проблемот ја истакна гасификацијата и обврската сите институции да се префрлат на поеколошко греење со енергенси кои не ја загадуваат животната средина, а ја напомена и мерката за субвенционирање на инвертер клими во општинте каде загадувањето е најголемо, како и субвенциите за приклучоците за гас во Куманово.

Прашан дали министрите ќе се откажат од службените коли за да се намали загадувањето и ќе се возат во јавниот превоз како што бараат невладините организации, Спасовски рече дека е подготвен сите министри да одат со автобус или пешки на работа „ако утре би бил чист воздухот во Скопје и Македонија“. Тоа , потенцира, би го направил само граѓаните да имаат чист воздух.

Министерот Димковски во одговор на прашањето дали има злоупотреба на екстра лесното масло за домаќинство за земјодлеската механизација, рече дека во насока на спречување на евентуалните злоупотреби годинава се воведе субвенционирањето од 30 проценти за „зелена нафта“ за што се одвоени близу три милиони евра и се поделени на 55.000 зелени картички за земјоделците.

-Со тоа се овозможува земјоделците да користат поевтина нафта, а со тоа се избегнуваат и сите можни злоупотреби, рече Димковски.

На прашањето што ќе се преземе за намалување на загадувањето, министерот Нуредини одговори дека како институција веќе имаат предложено долгорочни мерки, а денеска, како што кажа, се предложени краткорочни мерки со кои се делува сега и одма.

Би можело да ве интересира

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

ИКС: Да зборуваме повеќе за животната средина во време на растечка еколошка криза

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата