Нема зошто да чекаат за вакцина лицата кои се пријавиле меѓу првите на vakcinacija.mk, па дури и да се 20–годишни, велат од Министерството за здравство. Денес, заедно со лицата кои според возраста се повикуваат на вакцинирање, на многу пунктови имаше и помлади лица, за кои од Министерството објаснуваат дека покажале интерес за вакцинирање преку системот. Тие, во Националниот план за Ковид – 19 имунизација се на последно место по приоритет за вакцина, но од Министерството уверуваат дека се оди според планот за вакцинирање.
„Напоредно со вакцинирање на возрасните категории од денес се повикуваат и лицата кои си закажале преку системот. Има доволни количини вакцини за да може да тече вакцинацијата и според пријавените во системот. До петок веќе се закажани 35.000 термини, а се настојува да се отвори можност и за дополнителни термини“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.
Според Националниот план на ред за вакцинирање се лицата над 70 години, дел се веќе повикани и закажани им се термините, а паралелно со нив тече вакцинирањето и на лицата окарактеризирани како критична инфраструктура, односно вработените во институции кои ја менаџираат кризата или се витални за функционирање на државата.
Масовната вакцинација почна денес со кинеската вакцина од „Синофарм“ од која минатата недела стигнаа 200.000 дози. Од Министерството велат дека количините вакцини постојано ќе се надополнуваат оти секој понеделник во текот на мај ќе стигнуваат 7 – 10.000 вакцини од „Фајзер“, а во втората половина на месецот се очекуваат и 500.000 „Синовак“ вакцини од Кина.
По примерот на салата Борис Трајковски во Скопје, во вакцинални пунктови се уредени спортски и училишни сали и во Охрид, Штип, Битола, Тетово, Кавадарци и Куманово, кои од денес функционираат како регионални вакцинални центри.
Министерот за здравство Венко Филипче, неколкупати досега побара трпение за вакцина од хронично болните, кои го чекаат редот согласно возраста. Како ќе стигнува на ред возрасната група во која се наоѓаат, така ќе бидат пвикувани за вакцина прво лицата кои имаат хронични болести, а потоа останатите.
На страницата vakcinacija.mk до денес се пријавени 218.577 граѓани. Од нив околу 11.000 се пријавиле за време на велигденските празници оти во средата пред да почнат празниците, на страницата за вакцина беа пријавени 207.322 лица. Според податоците на веб – страницата, досега се вакцинирани 61.603 граѓани.