Во Виница интензивно се одвиваат работите за регулација на коритото на Виничка Река во должина од 440 метри, проект кој Општина Виница го реализира преку Источен плански регион и кој треба да се заврши за три месеци.
Во рамките на втората фаза од Проектот за регулација на речното корито на Виничка Река, ќе се доизгради целосно коритото од мостот кај Бојаџиски бунар до Горна чешма.
Во првата фаза финансиската конструкција изнесуваше пет милиони денари, од кои еден милион се учество на Општината. Во оваа, втора фаза ќе бидат обезбедени дополнителни 2.400 000 денари со учество на Општина Виница од 800 000 денари.
Со регулацијата на коритото на Виничка Река ќе се регулчира дотокот на вода и ќе нема излевање и поплава на одделни површини и куќи во непосредна близина на коритото на реката. Воедно, регулацијата ќе придонесе за урбанистичко и хортикултурно уредување долж самата река во овој дел од градот.