Комисијата за заразни болести предложи Владата да ја укине мерката која пропишува во трговските центри да биде дозволен влез само на вакцинирани лица. Претседателот на Комисијата Александар Петличковски најави дека ова е чекор до целосно олабавување на мерките.
„Еден од поважните заклучоци кои ги донесовме денеска е укинувањето на сертификатите во моловите, освен на местата каде не е задолжително носење маски. Ова е еден чекор до целосно олабавување на мерките. За следниот развој ќе бидеме многу внимателни, не сакаме со нагло укинување на мерките да се постигнат несакани резултати“, рече претседателот Петличковски.
Во деловите од трговските центри каде што се служи храна, каде што и сега е дозволено да се седи без маска, се уште ќе биде дозволен престој само на вакцинирани лица.
Портпаролот на Комисијата Злате Мехмедовиќ извести дека новото олабавување на мерките ќе зависи од степенот на вакцинација на населението која кај нас изнесува 40 отсто, па затоа од денес почнува кампања за вакцинација која треба да го крене процентот и да придонесе за нови олабавувања на мерките.