За ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат тешки денови. Извори од партијата не ја отфрлаат можноста наскоро да се одржи вонреден партиски конгрес на кој ќе биде поставено прашањето за доверба на актуелниот лидер. Незадоволството и разочарувањето е бидејќи не ја контролирал пратеничката група и иако убедуваше дека се единствени, сепак седум пратеници гласаа спротивно на партискиот став за процедурата за промена на Уставот.
Според партиски извори, но и од некои пратеници кои останаа „верни“, има сценарио на вонредниот конгрес актуелниот потпретседател и градоначалник Митко Јанчев да застане на кормилото на партијата. Овие сценарија ги шират партиски членови.
На пример Игор Аврамовски Александров, претседател на Здружението на македонски заедници од Австралија, на социјалните мрежи напиша дека ќе се одржи Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ со цел „мијалковото крило“, кое што ги „води осумте предавнички пратеници“ да го симне Мицкоски.
Делувајте конструктивно пред бројката од наводни 80 да стане преку 100, напиша тој.
Од друга страна, луѓето блиски на Мицкоски, брифираат дека состојбата брзо се консолидира и дека раководството ќе излезе со јасен став за натамошното дејствување на партијата.
Не ја коментираат изјавата на Зоран Заев дека во наредните фази од носењето на уставните измени и други пратеници на партијата ќе се приклучат кон мнозинството.
За смена на Мицкоски притискаат и од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ и членови кои го изразија незадоволството за претходниот конгрес и изборот на Мицкоски.
