Наскоро ќе почне изградба на нов дом за семејството на Маја, која боледува од целебрална парализа, во скопско Мирковци. Група активисти од една хуманитарна организација започнаа акција и собираат парични средства и градежни материјали и очекуваат од 10 март да почне реконструкцијата на руинираната куќа во која нема услови за пристоен живот.
Неодамнешната сторија на „А1он“ за четиричленото семејство ја разбуди хуманоста кај граѓаните да помогнат за да се подобрат условите, особено за болната 32-годишна девојка, која наместо на кревет, повеќе од 15 години лежи на душек, директно на бетон.
Хуманитарците од „Подари насмевка“ се оптимисти дека ќе се соберат доволно средства со кои ќе се обезбеди нормален живот на овие луѓе.
„Медиумите многу ни помогнаа да ја кренеме свеста кај граѓаните и да покажат хуманост. Веќе имаме обезбедено цигли, ќерамиди, гипс-картон, елементи за во бања. Овие материјали ги донираа луѓе и фирми кои се сожалија на лошата судбина на оваа девојка. Потребни се уште прозорци, врати, цемент, песок, за кои побаравме помош кај неколку компании. Но, еве уште еднаш ги повикуваме да се солидаризираат и да помогнеме сите. Условите во кои престојува семејството се ужасни, тоа е една соба, а во неа престојуваат четири возрасни лица. Планирана е доградба на уште една соба и реконструкција на постоечка со кујна, дневна и бања. Ова се минимум услови за пристоен живот и секоја помош ќе биде добредојдена“, вели Марија Николова од „Подари насмевка“.
На апелот за помош граѓаните веднаш се огласија и за ова семејство донираа кревет и инвалидска количка за болната Маја. Во семејството пристигнале и кујнски елементи, машина за перење алишта и трпезариска маса со столови. Голем број граѓани помогнаа и со пакети со храна и хигиенски средства.
Инаку, четиричленото семејство живее со една пензија од осум илјади денари од мајката на Маја, Божана. Живеат во мизерни услови во една руинирана соба, без бања и кујна, немаат ниту теливизор, ниту мобилен телефон.