Дополнителна мерка за заштита од коронавирусот предложила Комисијата за заразни болести до Владата. Согласно препораките, Комисијата бара влез во затворени простории да имаат само оние кои имаат примено две дози на вакцина, наместо како што беше досега, со една доза. Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа и дека за една недела кочено ќе започне скринингот за коронавирус во училиштата. Засега, како последица на коронавирус се хоспитализирани 10 до 15 деца, што за него претставува мирна епидемиолошка состојба.
„Во однос на дополнителната мерка, ќе дискутираме во штабот во Владата, следната недела. Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, ќе оставиме една-две недели дополнителни, со оглед на тоа што е најавено за да почне да важи препораката за во сите затворени места, наместо со една, да биде потребен сертификат со две дози на примени вакцини“, рече Филипче.
Тој кажа дека познато е колкава бројка на ученици и во кои училишта ќе се тестираат за коронавирусот.
„Моделот за скринингот е готов. Закаснивме една недела. Требаше да започне оваа недела, но подолго траеше анализата во училиштата. Со оглед дека сега е спремна методологијата, од утре ќе бараме согласност од родителите. Верувам дека до почетокот на следнеата недела тоа ќе се обезбеди и ќе се спроведе скринингот. Апелирам да го прифатат скринингот, не е ништо страшно. Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна. Немаме хоспитализирани деца, 10-15 во болницата во Козле и во ниту една друга институција. Нема податоци за трансмисија во училиштата, но важно е да знаеме дали ќе откриеме асимптоматски случаи“, рече Филипче.