Се подобрува безбедноста за пловидба на Охридското Езеро

Од:

Капетанијата на пристаништа на Република Македонија, заедно со надлежните служби при ресорното Министерството за транспорт и врски спроведоа два проекти  во Охридското Езеро и тоа поставување пловидбени знаци и информативни табли на брегот на езерото, како и бови односно пловечки направи наменети за учесниците на сообраќајот на самото езеро.

Првиот човек на Капетанијата Горан Устијаноски појасни дека во рамки на првиот проект, на целото крајбрежје на езерото на македонската страна на Охридското Езеро поставени се 179 знаци од Свети Наум до Радожда кои се наменети за капачите и сопствениците на пловни објекти на езерото,. Поставени се и два нови светилници, и тоа на пристаништата во Охрид и во Свети Наум.

– Поставувањето знаци на езерото, пред се оние за забрането капење во близина на пристаништата во Охрид и во Свети Наум и на некои пристапни мостови на крајбрежјето е нормална работа. Не треба да има капачи на пристаништата бидејќи од тоа директно зависи најногу нивната безбедност. Пристаништата се места каде што се маневрира со бродови, со чамци и може да дојде до повреди и директни несакани последици  по самите капачи. Затоа апелираме сите тие знаци да се почитуваат и од страна на оние што пловат, и од страна на оние што се капат во Охридското Езеро, изјави Устијаноски.

Тој најави дека предвидено е на Охридското Езеро да бидат поставени и два радари преку кои ќе се следи се она што се случува на езерото. Средства, како што вели Устијаноски, се издвоени, но прашања се процедурите околу  објавувањето на тендерската постапка.

– Кога ќе бидат поставени радарите ќе може да се снима целата површина на Охридското Езеро односно тие ќе служат пред се за потребите на Капетанијата бидејќи понекогаш се има потреба од трагање по исчезнати лица, од евидентирање на пловни објекти  на спорни места и слично, појасни тој.

За самите бродари поставувањето пловидбени знаци и бови на Охридското Езеро е од голема корист, пред се за учесниците во пловидбениот сообраќај, смета Зоран Гилески, сопственик на бродовите „Александрија“.

– Воспоставувањето нови регулативи е во секој случај значајно заради зголемување на безбедноста. Се работи за безбедноста на глисери, скутери, кајчиња, педалинки но и за безбедноста на пливачите. Ова ќе значи многу и за бродарите бидејќи ќе се ограничи пловидбата на помалите објекти за да можат поголемите да се движат послободно, појасни Гилески.

За дисциплината на учесниците во сообраќајот на Охридското Езеро Устијаноски нагласи дека  субјектите година во година се се посовесни и воглавно се почитуваат законските правила и прописи.

– Дисциплината од година во година е се поголема. Особено со скутерите дисциплината е на завидно ниво, повеќе нема дивеење, а полека и се напушта лошата практика на наутичарите да пловат блиску до брегот. Со поставување на бовите ќе имаме уште поголема прегледност каде можат да пловат со поголема брзина, додава Устијаноски.

Инаку, моментално во Македонија се евидентирани вкупно 1.530 пловни објекти, од кои околу 500 се на Охридското Езеро.

Би можело да ве интересира

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on

Претреси во Охрид поради лихварство и изнуда, уапсено е само едно лице