Се отвора дебата за законот за дивоградби за сите прашања на кои посочи јавноста

Од:

Владата отвора дебата за Предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби, што е вратен во Собранието по одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот.

Како што соопшти владината прес-служба, ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните.

Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, уставната можност што ја искористи претседателот да не го потпише законот за легализација на дивоградби е уште една шанса заедно да се дискутира со јавноста, пратениците, експертите,.. да се најде решение со цел да им се помогне на граѓаните.

-Како Влада бараме предлози како да го подобриме ова законско решение, изјави вчера Бочварски, и додаде дека е неприфатливо за државата да замижува пред проблемите и да ги става под тепих или најлошо од се, да остави статус кво и проблемите да стојат, никој да не се грижи за тоа.

Посочи дека бројот од околу 50.000 дивоградби што според првичните проценки треба да бидат опфатени со овој закон го утврдиле од комуникацијата со општините, коишто имаат одредени сознанија и информации и во однос и на претходниот закон колку барања за легалзаиција се одбиени, колку се во процес на работа.

– Од тој аспект, градови или општини како Штип, Струмица, Велес, со средна големина, имаат по две до три илјади објекти, според нивните проценки, коишто немаат решен правен статус. Тоа се во најголем дел објекти на наши сограѓани кои успеале да изградат кров над глава за себе и за своите семејства и токму поради тоа Владата овде е прва одговорна заедно со Собранието да бараме решение и начини да ги решеваме проблемите, а не да ги ставаме под тепих. Поради тоа ова прашање, овој закон е поднесен во Собранието уште во 2019 година, доста долго време во јавнота е отворено, дискутиравме и се донесе во дискусија и со пратениците и пратеничките групи, изјави Бочварски.

Против повторно носење на нов Закон за утврдување павен статус на бесправно изградени објекти се изјасни Асоцијацијата на архитекти на Македонија, затоа што, како што вчера наведоа, тој ги суспендира сите важечки прописи за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на изградениот простор и дава погрешен сигнал дека бесправното градење нема да се казнува.

-Доколку сепак, и покрај сите наведени причини Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти биде донесен, инсистираме во законот задолжително да се вметне потребата од спроведување на сите постапки, неопходни за добивање дозвола за градба. Ги повикуваме и колегите од Комората на градежни инженери и другите струкови здруженија да не поддржат во оваа иницијатива, наведоа од Асоцијацијата.

Според Асоцијацијата, Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти е во колизија со важечките закони за урбанистичко планирање и законот за градење бидејќи истиот ја негира нивната суштина која се однесува на процедурите востановени за стратегиско планирање и организирање на изградената средина и управување и заштита на природните ресурси.

Бочварски, пак, истакна дека во новиот Закон за легализација на дивоградби внесени се и казнени пенали за граѓаните, кои нелегално граделе.

-Тоа значи дека ако комуналиите во Општина Штип се 50 евра, секој оној што легализира ваков објект ќе треба да плати 75 евра по метар квадратен со цел неговиот објект влезе во правна рамка доколку ги исполнува и сите останати критериуми и услови, за разлика од претходниот Закон, кој беше едно евро за м/2 и ова е вториот аспект и секако Законот за урбанистичко планирање, што веќе е донесен, Правилникот за урбанистичко планирање, кој е веќе донесен. Ние покажуваме со транспарентни постапки и процеси правиме сериозен фронт и борба против ваквиот тип на градба, вели Бочварски.

Но, како што рече, во моментов мора да се соочиме дека на терен и во општините такви објекти постојат.

Законското решение беше донесено минатата недела во Собранието, по што претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за негово прогласување. Согласно законските прописи доколку претседателот не потпиша указ законот се враќа повторно во собраниска процедура.

Претседателот порача дека доколку Собранието вторпат го изгласа со потребното мнозинство од 61 пратеник законот за постапување по бесправно изградени објекти, ќе мора да го потпише указот за негово стапување во сила, бидејќи, како што рече, со првото непотпишување се исцрпуваат неговите уставни надлежности.

-Ако ме прашувате за мојата реакција доколку тој би дошол повторно кај мене, ставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има тн. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство вторпат, се разбира истиот ден ќе го потпишам иако имам серија забелешки. Според она што го кажа премиерот, ќе бидат земени во предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство, 61, немам избор, апсолутно, рече вчера Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по вакцинирањето против Ковид-19 на вакцинален пункт во Куманово.

Би можело да ве интересира

Левица: Дивоградбите во Гази Баба недопирливи веќе два мандати

(ВИДЕО) Цело село во црвена зона поради еден објект: Жители на Горно Врановци не можат да си ги легализираат куќите повеќе од една деценија

Орце Костов

Општина Велес нема да ги урива дивоградбите на Бабуна, ќе спречува да никнуваат нови

Орце Костов

Бочварски очекува до крајот на годинава да биде готово предлог решението за новиот закон за градење

Ана Ололовска

Законот за дивоградби помина на ЕНЕР, Министерството ќе ги разгледува забелешките

Ана Ололовска

Премиерот Заев најави дека ќе продолжи отстранувањето на дивоградбите од крајбрежјето на Охридското Езеро

Ана Ололовска