Забрзано тече изградбата на објектите од пречистителната станица за отпадни води кај селото Мојанци, Кочанско и се планира тие да бидат готови до крајот на годината.
Според претставниците од швајцарската консултантска куќа „Ернст Бастлер и Партнер“, која го следи реализирањето на целата инвестиција, најважните компоненти од комплексот се приведуваат кон крај и најверојатно ќе се испочитува договорениот рок.
– Досега се реализирани околу 70 отсто од објектите, а истовремено се работи и на поврзување на старите колекторски испусти од Кочани со новиот систем. Има извесно пролонгирање со приклучувањето на одделни места, но генерално кажано, проектот треба да биде ставен во функција најрано идната пролет, рече Рето Бухлер, претставник на швајцарската консултанска куќа.
Пречистителната станица се гради на најниската гравитациска точка на вливот на Оризарска Река во Брегалница и ќе ја прочистува фекалната вода од девет испусти од Кочани што ќе бидат собрани во главен колектор.
– Кај изградбата на примарниот колекторски систем има извесно пролонгирање на рокот за изградба, а единствена причина за тоа е што поголем дел од цевководот поминува под оризовите ниви. Со оглед што оризот е во фаза на вегетација, не сакаме со копањето на каналите за цевките да им предизвикаме штети на земјоделските производители, па ќе мора да се почека крајот на жетвата, изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Целиот комплекс ќе биде опремен со најсовремена технологија за пречистување на отпадни води, со мала површина и минимални трошоци за експлоатација и одржување. Заради заштеда и непречено снабдување со електрична енергија се предвидува да се изгради и фотоволтаична централа.
Во пречистителната станица кај Мојанци ќе бидат третирани отпадните води од Кочани и од околните рамничарски села, со капацитет од 58 илјади еквивалент жители. За нејзината изградба швајцарската Агенција за развој и соработка – СЕКО, обезбеди грант од 21 милион швајцарски франци, а околу два милиони евра се од буџетот на Република Македонија.