На 2 април на полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатските листи за пратеници од партиите кои ќе учествуваат на парламентарните избори до Државната изборна комисија, а досега единствена непозната е дали градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ќе поднесе листи со партијата Нова Алтернатива на која неодамна стана претседател.
Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, веќе се искристализирани пет коалиции и две партии кои ќе одат самостојно. Тоа се „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалицијата „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ и коалицијата „ВРЕДИ“ на албанската опозиција. Самостојно на изборите, според досегашните најави, одат ЗНАМ – За наша Македонија и партијата „Левица“.
Пред еден месец и Арсовска најави со Нова Алтернатива ќе настапи самостојно и дека ќе имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.
Арсовска наведува дека ќе ја предводи листата изборна единица 1, но не ги откри останатите носители со образложение дека се прават партиски калкулации.
Листите за пратеници веќе ги промовираа СДСМ и Коалицијата за европска иднина, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
СДСМ и Коалицијата за европска иднина минатиот викенд во Скопје ја промовираа „Програмата за европска иднина“ и носителите на листи и кандидатите за пратеници со кои ќе настапат на претстојните парламентарни избори. Во Првата изборна единица носител на листата е претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, а како коносител ќе биде претседателката на коалицискиот партнер ЛДП, Моника Зајкова. Во Втората изборна единица ќе бидат Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи, додека во Третата изборна единица предводници ќе бидат Сања Лукаревска и Љупчо Николовски. Носител во Четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче со Јована Тренчевска. Во Петтата изборна единица предводници на пратеничките листи се Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а во Шестата изборна единица Славјанка Петровска и Агрон Демири.
Во Тетово ДУИ ги утврди носителите на листи за пратеници со кои ќе настапи на претстојните парламентарни избори. Во Првата изборна единица носител на листата ќе биде Блерим Беџети, во Втората – Садула Дураку, во Третата – Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, во Четвртата – Енвер Хусеин од Демократската Партија на Турците на Македонија, во Петтата – Зијадин Села и во Шестата изборна единица носител на листата ќе биде претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Кандидатските листи за пратеници вчера ги промовираше и ЗНАМ – За наша Македонија. Портпаролот на партијата Никола Мемов на прес-конференција соопшти дека Извршниот и Централниот одбор на партијата со акламација ги утврдиле кандидатските листи за пратеници во сите шест изборни единици и посочи дека предлог кандидатите за пратеници на Движењето ЗНАМ се луѓе кои се нови во политиката и стручни во областите во кои работат.
Изборната единица еден ќе ја предводи Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, во Втората Дамјан Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“ во Куманово, во третата Павле Арсовски, генерал мајор во пензија, во ИЕ4 Миле Цеков, претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија, во „петката“ Весна Бендевска и во ИЕ6 е Небојша Захариевски, магистер по правни науки.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата „Твоја Македонија“ на конвенција во саботата ги промовираше своите кандидати за пратеници и носителите на кандидатските листи. Во Првата изборна единица носител на листата е лидерот на партијата Христијан Мицкоски, во Втората – Владо Мисајловски, во Третата – Драган Ковачки, во Четвртата – Александар Николовски, во Петата – Ѓоргија Сајкоски и во Шестата – Дафина Стојановска.
Се очекува уште Коалицијата „Вреди“ на албанските опозициски партии да ги соопшти официјално носителите и кандидатските листи за претстојните избори. Засега, како што потврди претседателот на АА, Арбен Таравари, познати се носителот во Првата изборна единица Изет Меџити, во ИЕ2 Африм Гаши и во ИЕ6 Биљал Касами.
Минатата недела листите со кандидати за пратеници ги презентираа коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ и Левица.
Носителите на листите на Коалицијата „Храбро за Македонија“ се Добрила Андоновска од ГРОМ во Првата изборна единица, Љупчо Ристовски во двојката, Јордан Николов во тројката, во Четвртата изборна единица Ружица Николова, во Петтата изборна единица лидерот на ПЦЕР Самка Ибраимоски и во Шестата изборна единица Зоран Софрески. Лидерот на ГРОМ пак Стевчо Јакимовски е претседателски кандидат.
Носители на кандидатските листи на Левица се: во ИЕ 1 лидерот Димитар Апасиев, во Двојката Амар Мециновиќ, во Тројката Борислав Крмов, во ИЕ4 Сашко Јанчев советник на Левица во Општина Гевгелија, во Петката Јована Мојсоска генерален секретар на Левица и во ИЕ 6 – Игор Димески советник на Левица во Општина Центар.