Се бара заеднички кандидат за претседател, се оставаат можности и за други опции

Од:

Продолжуваат консултациите на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со претставници на политичките партии за изнаоѓање кандидат прифатлив за граѓаните од сите етнички заедници и социјални слоеви. За таа цел, тој вчера имаше средба со претседателот на опозициското движење Беса, а претходните денови и со лидерите на ДПА, Алтернатива и ДУИ.

Заев истакна дека од Беса, како опозициска партија, оставиле можност и за заеднички кандидат, и за самостоен настап, што го потврди и претседателот на партијата Билал Касами, кој истакна дека за нив како партија останува отворена можноста за избор на заеднички кандидат при што најважна е личноста која ќе биде предложена, но и оти ќе разгледуваат повеќе опции.

За да се најде и усогласи таквиот консензуален кандидат Заев претходно имаше и одделни разговори со лидерите на три партии на Албанците – Али Ахмети на ДУИ, Мендух Тачи на ДПА и Африм Гаши на Алтернатива – како што е преименувано скопското крило на Беса.

По средбата со претседателот на ДУИ Али Ахмети, Заев истакна дека напорите можеби ќе успеат, а можеби не, но оти вреди да се направи обид. Тој додаде дека наскоро ќе бидат соопштени повеќе детали околу можните кандидати на СДСМ, посочувајќи дека од десетината што се спомнуваат во јавноста, пет се фаворити. Ахмети во изјавата нагласи дека треба да се донеат одлуки во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите.

Заев средбите ги продолжи и со Мендух Тачи од ДПА и Африм Гаши од Алтернатива кои ја поддржуваат идејата за претседател по мерка на сите граѓани. Гаши рече дека за нив би било поприфатливо претседателскиот кандидат да е натпартиска личност која политички била внимателна во минатото, не давала, како што рече, „несреќни“ изјави, не била негативно настроена кон ниту една заедница.

Тачи пак, смета дека би било добро да се номинира кандидат на Владата што, според него, ќе значи и продолжување на политиката на нормализирање на состојбата во државата зашто претстојат важни задачи – отворање преговори за интеграција во ЕУ и ратификација на нашето членство во НАТО.

Конгресот на СДСМ е закажан на 3 март и тогаш треба да биде донесена одлуката за кандидат за претседател на државата. Партискиот оглас на СДСМ за пријавување кандидати за претседател на државата заврши, а официјално е позната само кандидатурата на поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

На шестите претседателски избори закажани за 21 април ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува со професорката Гордана Силјановска-Давкова која во саботата беше избрана со мнозинство гласови на конвенција во Струга.

Филип Петровски, кој беше меѓу деветте кандидати на опозициската партија и не доби поддршка за номинација, вчера најави дека ќе собира 10 илјади потписи за кандидатура на претседателските избори.

Би можело да ве интересира

Аргентинската опозициска партија победи на изборите во Буенос Аирес

Шест кандидати на AfD починаа пред германските избори

Предвремени избори за претседател на Република Српска на 23 ноември

Горан Наумовски

Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата

На овие избори во најголемиот дел работите ќе се решат уште во првиот круг, вели Мицкоски

Горан Наумовски

Демократска партија на Турците на Македонија на локалните избори ќе настапи самостојно