Обвинителството ќе бара притвор за 22-годишниот Ј.Ѓ., возач кој управувал со џипот „Цитроен Ц4, со кој беше усмртена младата Викторија од Радовиш, дознава „А1он“. Тој ќе биде спроведен во Кривичниот суд, пред судија на претходна постапка. Според нашите информации, возачот се товари за тешки дела против безбедноста во сообраќајот со смртни последици. Бидејќи според тежината на делото, возачот ќе се гони во редовна постапка, судот може да определи притвор од најмногу 30 денови.
„Обвинителството ќе бара притвор“, потврди за „А1он“, шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.
Возачот сега се наоѓа во Обвинителството, каде беше извршен распит од обвинител. Тој беше цела ноќ задржан во полициска станица. Сега ќе биде спроведен во судот, каде треба да се донесе одлуката.
Во меѓувреме, второто повредено лице, кое било момче на 24-годишната радовишанка е пуштено на домашно лекување. Тој имал набиеници на карлицата, соопшти директорот на болницата каде беше прегледан. Се наоѓа во тешка психичка состојба, видно потресен поради вчерашната трагедија. Во Радовиш, сограѓаните на загинатата Викторија се шокирани од настанот. Со неверување ја примиле веста за нејзината смрт.
Обвинителството ги побара и снимките од надзорните камери, кои се околу пет на раскрсницата. Тие ќе помогнат да се утврди, што точно се случило вчера по 19 часот. Телото на Викторија е дадено на обдукција, по што ќе биде предадено на семејството. Кај возачот кој ја усмрти, направено е вештачење на примероци од урина и крв, за да се увиди дали возел во алкохолизирана состојба или со земена дрога.