Улицата „Бахар Моис“ во општина Карпош се асфалтира. Градежните работи на оваа 260 метарска улица се во вредност од околу два милиона денари.
Од општина Карпош соопштија дека асфалтирањето треба да заврши денеска. Во подготвителните работи во изминатите градежни зафати каде што беше поставена атмосферска и фекална канализација, информираат од општината, се работеше на подигање на шахтите и сливниците. Освен улицата „Бахар Моис“, во наредниот период на овој локалитет предвидено е да се реконструираат седум улици.
Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски изјави дека продолжуваат со реконструкција на улиците во општината, овојпат во урбаната заедница „Владо Тасевски“.
– Конкретно извршено е гребење, како и замена на рабниците и тротоарите на улиците „Наум Евро“ и „Бахар Моис“. Продолжуваме со улиците „Римска“, „Панче Пешев“, „Анкарска“ и „Њу Делхиска“. Целата оваа реконструкција изнесува околу 20 милиони денари, а ќе се обноват седум улици. Треба да се има предвид дека веќе извршивме реконструкција на улицата „Дрезденска“ и е пробиена улицата „Борка Талевски“ , а исто така извршена е реконстукција на улиците „Рампо Левката“, „Ристо Равановски“ и „Алжирска“, рече Јакимовски.
Тоа, посочи, значи дека за околу два месеца урбаната заедница „Владо Тасевски“ комплетно ќе има реконструирани нови улици.
Информира дека во наредниот период механизацијата ќе биде поставена во населбата Влае на повеќе улици и тоа „Ринхини“, „Франц Прешерн“ со сите краци, како и улиците „Иван Цанкар“ со нејзините краци. Додаде дека со овој голем градежен зафат речиси сите улици во Влае 1 ќе бидат реконструирани.