СДСМ во вторник ќе одлучува како ќе дејствува понатаму

Од:

Во вторник, веднаш после божиќните празници, СДСМ ќе одржи вонредна седница на Централниот одбор, дознаваме од партиски извори, кои коментираат дека тоа слободно ќе може да се нарече „мини конгрес“, бидејќи на седницата, освен членовите на Централниот одбор, ќе бидат присутни и претседателите на сите Општински организации на СДСМ во Македонија, заедно со пратениците, градоначалниците и досега утврдените кандидати за градочалници.

СДСМ во пресрет на оваа вонредна седница останува на своите јавно изнесени ставови. Од партијата сметаат дека Македонија после „црниот понеделник“ се наоѓа пред многу сериозен тест, дали општеството конечно ќе покаже зрелост да пружи отпор на негативните тенденции за целосно згаснување на демократијата.

Опозицијата останува на својот став дека од 24 декември наваму Собранието постои само на хартија, па токму затоа, според нив, по природна закономерност, недостигот на демократијата во институциите природно се слеал на улиците. Тие, таканаречените граѓански парламенти, маршеви и блокирање на сообраќајниците ги сметаат од една страна за симбол на отпорот, но и во исто време за можност за сите слободоумни граѓани да се борат за враќање на Македонија во вистинска насока.

Според најголемата опозициска партија, овој режим повеќе нема никаков кредибилитет да гарантира дека ќе организира фер, слободни и демократски избори. Затоа, тие освен досегашните предуслови за прочистен избирачки список и изборна регулатива со вклучени препораки на ОБСЕ/ОДИХР, сега го поставуваат прашањето – кој ќе ги организира изборите?

Продлабочувањето на политичката криза, според СДСМ би можело да се избегне со формирање на друг формат на Влада, без разлика како таа би се нарекла – „техничка“, „експертска“, „концентрациона“, во која СДСМ воопшто не е заинтересиран да учествува, чиј единствен мандат би бил организирање фер, слободни и демократски избори. Сепак, според констатации на раководството на СДСМ, фактот што државните функционери се обидуваат да ја сокријат вистината, да не преземат одговорност, да создаваат лажна слика дека се е нормално во земјата, истовремено покажувајќи дека немаат никаква намера да се откажат од злоупотребите на власта, следствено значи дека опозицијата е многу блиску до бојкот на изборите.

Во вторник, Централниот одбор на СДСМ на вонредната седница ќе ги разгледува сите аспекти на актуелната политичка состојба и ќе донесе крупни одлуки за идното политичко делување на опозицијата.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: СДСМ води ПР-стратегија со која истура лаги и не се бори за граѓаните

Филков: СДСМ свесно ги блокира реформите во изборното законодавство

(ВИДЕО) Тренчевска: Мицкоски бараше техничката влада да остане до влегувањето на Македонија во ЕУ

Горан Наумовски

Мемов: Конфузија и раскол во СДСМ околу Законот за Влада

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Кузеска: Девет години од крвавиот 27 април – ги гледаме истите тенденции на заробената држава

Зад рудникoт за антимон во Крива Паланка стојат донатори на ВМРО-ДПМНЕ, тврди СДСМ

Катерина Ѓуровски