СДСМ денеска поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против непознат сторител во скандалот „Телеком“, поради сомневања за поткуп на високи владини функционери, како и одделни политички партии, во периодот 2005 и 2006 година.
„Иако постојат сомневања за сериозни кривични дела, за жал ниту МВР, ниту Јавното Обвинителство на РМ, до денес, по службена должност, не покренаа никаква постапка овој скандал да добие правна разрешница.
– И додека на пример во Црна Гора, каде за ваквиот скандал се води истрага, македонската јавност се уште не доби одговор кои тогашни владини функционери, по име презиме, и конкретно која политичка партија е вмешана скандалот со “Телеком“.
– Бидејќи власта во рамките на своите законски должности не постапува ние со конкретна иницијатива бараме овој случај да биде расчистен до крај.
– За таа цел, ние денес до Јавното Обвинителство поднесуваме кривична пријава против непознат сторител во скандалот “Телеком“, поради сомневања за поткуп на високи владини функционери, како и одделни политички партии, во периодот 2005 и 2006 година.
– Наводите во кривичната пријава се директно поврзани со доказите од американската истрага за овој случај од која произлегува дека службени лица, членови на Влада на РМ, како и членови на одделни политички партии примиле подарок во висина од 4,8 милиони евра од страна на менаџерскиот тим на “Маџар телеком“.
– Во американската истрага е наведено дека директори на Маџар Телеком преку грчки посредник исплатиле речиси 4,8 милиони евра на најмалку 6 лажни договори за консултантски и маркетиншки услуги со “поважен македонски државник од мнозинска и со важен македонски државник од друга политичка партија“ за да се одложи или спречи издавањето на лиценца за трет мобилен оператор.
– Иако кривичната пријава е против непознат сторител, Јавното Обвинителство има законска обврска, водејќи се од доказите наведени во американската истрага, а користејќи го договорот за меѓународна правна помош, да расчисти и да ги повика на одговорност сите инволвирани во скандалот “Телеком“.
– Имајќи го ова во предвид, поднесувањето на кривичната пријава е прв сериозен чекор кон целосно расветлување на овој скандал.
– Се работи за веќе докажан криминал, со јасни и прецизни докази, за кои “Дојче Телеком“ се спогоди со американските правосудни органи за отштета во висина од 95 милиони долари.
– СДСМ не бега од сопствениот дел од одговорноста и затоа бараме скандалот “Телеком“ да се расчисти до крај. Сметаме дека борбата против криминалот и корупцијата не смеат да бидат селективни. Сите функционери од тогашна Влада, како и политичките партии кои се замешани во скандалот “Телеком“ мора да се соочат со сопствената одговорност.
– Ние уште сега, како опозициска партија, покажуваме подготвеност дека и после промената власта сме подготвени да се соочиме со криминалот и во сопствените редови. Но, тоа што создава конфузија е однесувањето на власта.
– Од што бега, и кого штитат Груевски и ВМРО ДПМНЕ?
– Дали се плашат само од расчистувањето на аферата со партиската фирма на ВМРО ДПМНЕ, “Аналитико“, која склучила договор во 2006 со Телеком за да наводно Протоѓер, Јанкуловска, Јанакиевски, Канческа и Зекиров продаваат СИМ картички, или зад нерасчистувањето на овој голем скандал се кријат и други мотиви на власта?
– Очекуваме Јавниот Обвинител да покрене соодветна постапка по оваа кривична пријава која мора да ги даде одговорите на сите отворени дилеми во јавноста“, изјави Андреј Петров.