СДСМ ќе ги убедува ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите за Изборниот законик

Од:

Претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Александар Кирацовски најави дека на 25 декември ќе закаже јавна расправа за изменување на Изборниот законик, со цел да се презентираат аргументите и да се разубедат они што се против измените.

Откако ја откажа денешната седница на Комисијата, на која требаше да почне амандманската расправа за Предлог-измените на Изборниот законик кои предвидуваат една изборна единица и отворени листи, Кирацовски изјави дека амандманската расправа не може да почне, бидејќи не се преведени сите амандмани поднесени на Предлог-законот.

Тој информира дека досега се преведени и во електронскиот систем се ставени 3.734 од вкупно поднесените 5.899 амандмани. Кирацовски нагласи дека ќе ги чека службите до крајот на следната недела, па ќе закаже седница за да може да почне амандманската расправа во Комисијата за политички систем.

Според Кирацовски, целта на подносителите на илјадниците амандмани е да го блокираат целиот процес и ги повика да се премислат и да ги повлечат.

За координатоторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, откажувањето на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е потврда на оценката на партијата оти нема деловнички услови за почнување амандманска расправа за измените на Изборниот законик.

Тој нагласи дека одржување јавна расправа за закон што се носи во скратена постапка не е во согласност со Деловникот на Собранието, но доколку спикерот Талат Џафери ја закаже, ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе се произнесе.

Според Мицевски, ова е маневарска игра на Кирацовски, затоа што доколку парламентарното мнозинство сакало јавна расправа за Предлог-законот, Деловникот предвидува таа да се случи во редовна постапка. Вака, истакна тој, кога законите се пуштени во скратена постапка, единствен начин за да се расправа по нив е амандмански.

– Доколку навистина сакаа промена на изборниот модел на два месеци пред изборите и на 10 дена пред пржинската влада, требаше да се седне со најголемите политички чинители, да се разговара и доколку се најде консензуално решение, истото да биде применето. Вака сите овие потези кои се прават од страна на Комсијата и нејзиниот претседател ги сметаме само за маневар и наоѓање на некој виновник, а СДСМ кој предизборно ветуваа отворени листи, да не бидат виновен за ништо, вели Мицевски.

Инаку, за двата предлог-закони од помалите партии, првиот за една изборна единици и вториот за отворени листи, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ имаат поднесено илјадници амандмани, така што не се очекува расправата да заврши пред распуштање на Собранието на 11 февруари, поради одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Согласно собранискиот Деловник, со оглед на тоа што станува збор за предлог-закони што не се со европско знаменце, не може да се ограничи расправата на членовите на Комисијата.

Пратеничката група на ДУИ ги образложува илјадниците поднесени амандмани со забелешката дека процесот за измени на Изборниот законик се води еднонасочно, еднострано и оти менување на правилата на игра пред избори е опасен преседан со кој би се соочила политичката сцена во земјава. Партијата смета дека изборните правила на игра мора да се донесат консензуално во согласност со сите политички партии.

И ВМРО-ДПМНЕ е на став дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент.

– Не може нов Изборен законик да се носи без согласност на најголемите релевантни политички партии и да се носи еден или два месеца пред избори. Без разлика колку сегашниот или можниот иден изборен модел може да бидат подобар или помалку добар од она што денес го имаме како изборна пракса, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ од друга страна поддржува измени со кои се предвидува една изборна единица и отворени листи и бара од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите и да се отвори дебата.

Поднесувањето на големиот број амандмани го оценуваат како обид на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за блокирање на процесот. Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, испраќаат нечесна и недржавничка порака, а оние на владиниот колаициски партнер ДУИ се сериозна причина за размислувања кои социјалдемократите ќе ги отворат.

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вели дека со измените најмногу ќе изгубат големите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но ќе добијат државата, помалите партии и демократијата.

Според предлагачите на воведувањето една изборна единица и отворени листи, актуелната поделба на шест изборни единици е пречка за фер изборен натпревар зашто ги фаворизира големите политички партии, на сметка на помалите и на евентуалните независни листи.

Помалите партии сметаат дека воведувањето една изборна единица без изборен праг и отворени листи ќе обезбеди политички плурализам и демократизација.

Би можело да ве интересира

Филипче: Да градиме мостови на разбирање и соработка

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

(ВИДЕО) Левица: ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија

Лукаревска: ВМРО-ДПМНЕ го одби амандманот за зголемување на платите на пожарникарите

Горан Наумовски

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје

СДСМ нуди план во три точки за да се реши кризата во Скопје