Државата ќе озакони рекет со предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, сметаат речиси сите засегнати од овој закон. Операторите, телевизиите и радијата најмногу забелешки имаат за членот 143 од предлог-законот, со кој операторите ќе добијат обврска задолжително да ги реемитуваат програмските сервиси на домашните радиодифузери, но само за јавниот радиодифузен сервис законот прецизира дека реемитувањето треба да биде бесплатно, пишува „Макфакс“
За преостанатите радиодифузери предложениот закон не утврдува прецизно ниту дали треба да се пренесуваат бесплатно ниту дали реемитувањето ќе има цена. Предвидува само дека начинот и условите под кои ќе се реемитуваат телевизиските и радиопрограмските сервиси на домашните радиодифузери ги утврдува Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги врз основа на претходно утврдена методологија.
Токму оваа недореченост во законот, неутврдениот начин за реемитување на домашните радиодифузери, според најголем дел од операторите, телевизиите и радијата, остава можност за озаконување рекет, со кој ќе се обезбеди своевидна субвенција за дел од телевизиите и радијата, а на другите им се заканува клуч на врата.
„Ни наметнуваат задолжителна обврска да ги реемитуваме домашните радиодифузери кои емитуваат програмски сервис од општ формат на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс. Ние и сега тоа го правиме. Утврдуваат дека јавниот радиодифузен сервис треба да го пренесуваме бесплатно. Ние тоа и сега го правиме не само за јавниот сервис туку и за другите радиодифузери. Со тоа што законот само за јавниот сервис пропишува пренесувањето дека треба да биде бесплатно по донесувањето на законот, нам ни укажува на тоа дека е оставена можност, врз основа на овие измени на законот, да се воведе наплата, односно операторите да бидат обврзани да им плаќаат за реемитувањето на телевизиите што не се јавен сервис, туку работат комерцијално или во превод – ќе треба да плаќаме за некој да прикажува турски серии, без ниту една минута домашна програма. И тоа секој месец како субвенција“, велат некои од операторите за „Макфакс“, кои се сомневаат дека ваквата обврска е компензација за укинатите државни реклами во медиумите кои беа изум на претходната владејачка гарнитура на чело со ВМРО-ДПМНЕ.
За нив не е изненадувачки обидот да се воведе наплата за реемитување. Велат дека имало такви обиди и претходно, се вели во тексот на „Макфакс“, но стивнале кога операторите им укажале дека ако треба да плаќаат за пренесувањето, тогаш ќе бараат и квалитетни содржини, а не ја исклучуваат можноста и тие да воведат наплата ако некој сака да го пренесуваат. Се калкулирало со цена од две евра од корисник, што операторот треба да ѝ го плаќа на телевизијата. Во ваков случај, посебно помалите оператори, ќе бидат принудени да завторат оти и со сегашната претплата едвај преживуваат и смислуваат разни пакет-услуги за да може да опстанат.
И многу од локалните и регионалните телевизии стравуваат дека ќе бидат принудени да затворат оти не можат да се натпреваруваат со странските телевизии што ги пренесуваат операторите.
„Малите оператори имаат ограничен простор и за да нè закачат како локална телевизија, ќе мора да се откажат од некого. Сигурно нема да се откажат од странските телевизии за кои платиле многу пари“, велат од телевизиите.
За сите делови од предложените измени со кои не се согласуваат и операторите, и телевизиите и радијата велат дека доставиле забелешки. Министерството за информатичко општество и администрација, кое го подготвува законот, иако најави, не одговори на прашањата за недореченостите во предложените измени на законот.
(М. И. П.)