„Гевгелиската јавност деновиве е осудена на температури од близу 40 степени да вдишува загаден воздух, чад и смрад од неколкудневната еколошка хаварија на градската депонија во Гевгелија. Од петокот минатата недела запалена е градската депонија, која и покрај неделниот краткотраен дожд сè уште не е изгасната“, рече на денешниот прес Петко Стоилов, советник од СДСМ во Советот на општина Гевгелија од името на Општинската организација на СДСМ.
Тој посочи дека отпадоците, отровните испарувања, канцерогените елементи што се шират во воздухот, речиси цела недела се закана за здравјето на гевгеличани со денови. Долгорочната изложеност од загадувањето на воздухот ги иритира очите, носот и грлото и може да доведе до сериозна хронична респираторна болест, срцеви заболувања, како и значителни климатски промени.
Секоја година, па и ланската, гевгеличани биле сведоци на уништување на шумскиот појас од катастрофалниот пожар што беше предизвикан од депонијата во Негорци и повторно од неодговорниот однос на локалната власт. Годинава ваквиот однос на надлежните се повторува, посочи Стоилов.
„Градоначалникот Франгов со свој потпис има ангажирано 12 редовно вработени лица како чуварска служба на градската депонија. Но, тие се распределени на други работни задачи, поточно по гевгелиските паркови, а некои од нив и воопшто не одат на работа.
Јавното комунално претпријатие, кое стопанисува со градскиот отпад, е најодговорно за мерките за заштита од делокругот на својата дејност, но од таму нема никакви одговори.
Како да се заштитат граѓаните од неконтролираната смрдеа и од чадот од запалената депонија.
Ќе заврши ли и овој случај како ланскиот со поднесување кривична пријава за непознат сторител?“ – прашаа отворено од СДСМ Гевгелија.
„Се огласија владините портали дека депонијата е изгасната, но и денеска гевгеличани вдишуваат саѓи и чад од разнесената согорена маса со сомнителна канцерогена содржина, која е закана по нивното здравје!“ – загрижено предупредија од СДСМ за лажните информации и лажната утеха што се сервира во јавноста.
Затоа предупредија: „Ако локалните надлежни власти и комуналното претпријатие не можат да ја изгаснат депонијата, зошто не побараат помош од повисоки владини тела и зошто не предложат мерки како граѓаните да се заштитат и да ја преживеат без последици оваа еколошка хаварија“.
За одговрниот однос на надлежните беше посочено дека „во времето кога сегашниот директор на Јавното комунално претпријатие ‘Комуналец’ од Гевгелија, Убавка Вегова, беше претседател на сега веќе непостојна партија (Демократска алтернатива) граѓаните добро паметат за нејзините говори и заложбите на нејзините сопартијци, вклучувајќи го и градоначалникот Франгов, за немањето потреба од нова санитарна депонија во Гевгелија.
Прашуваме: Дали и денеска се со истиот став и дали конечно по 14 години им стана јасно дека ако беше изградена депонија со европски средства, вакви загадувања немаше да има?
Им стана ли конечно јасно дека за да добиеш европски средства за изградба на депонија, на најбрз начин е таа да има име со регионален карактер – регионална санитарна депонија. Да дозволеа и да не постапуваа така како партија на власт, досега депонијата ќе беше изградена.
Затоа, од оваа временска дистанца, доблесно е да се јават и конечно да признаат каква катастрофална грешка направиле со нивната кампања за неизградба на нова депонија, која е предуслов за нови странски инвестиции и основа за еколошки крај, како што го нарекуваат гевгелискиот регион и најпосле, ова е пример како тие се загрижени и внимаваат за заштитата на животната средина“.
На пресот на СДСМ беше потсетено дека загадениот воздух е уште еден проблем повеќе со кој гевгеличани се соочуваат со денови, како и неколкумесечниот проблем со загадената вода, исто во надлежност на Јавното комунално петпријатие „Комуналец“, за што сериозно ја упатија следнава порака:
„Треба ли локалната власт да продолжи да ги уништува и да ги загрозува граѓаните поради загадената вода за пиење за кое молчи Јавното комунално претријатие. Молчи и сега поради загадениот воздух од градската депонија, која е на три метра оддалечена од последната зграда на југот од Гевгелија. Зошто државниот инспекторат за животна средина не е повикан и зошто самиот не реагирал досега? Со оваа еколошка катастрофа се бетонира и препознатливата сомнителна и неодговорна работа на локалната власт во Гевгелија“, беше речено на прес-конференцијата одржана од ОО на СДСМ во врска со неколкудневниот пожар на градската депонија во Гевгелија.
А.Д.