Во тек се активности за санација на оштетувањата на градскиот базен во Крива Паланка предизвикани во текот на годината. Базенот ќе биде изфарбан со заштитна боја, а се уредува и просторот околу базенот наменет за одмор и рекреативни активности.
– Во пресрет на летните горештини се уредува целиот базен, почнувајќи од сите мали оштетувања настанати со атмосферските влијанија, понатаму редовното фарбање на базенот, обнова на околните реквизити, како и расчистување и подготовка на спортските терени за пинг понг на отворено, одбојка на песок и кошарка. Цената на билетите е непроменета и ќе изнесува 50 денари, изјави Дејан Митровски од Јавно претпријатие „Комуналец“.
Според одговорните од јавното комунално претпријатие од градот, кое стопанисува со базенот, се очекува летната капачка сезона официјално да биде отворена кон средината на следната седмица, со што кривопаланчани ќе добијат место за разладување и забава во пресрет на најавеното тропско лето.